АРМ го одбележа денот на Воената полиција

 

Со свечена церемонија, Воената полиција на АРМ денеска во присуство на заменик-министерот за одбрана, Емил Димитриев и заменик началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Насер Сејдини, го одбележа 7 Мај- Денот на батаљонот на Воената полиција.

- Денот на единицата има корени од богатата Македонска крвава историја. На овој ден во време од 2 до 7 мај 1903 година, при непосредните подготовки за Илинденското востание, за време на одржувањето на Смилевскиот конгрес во Смилево, прв пат македонските револуционерни сили организирале вооружени селски стражи со задача да го обезбедат непреченото одвивање на Конгресот. По тој повод овој ден се одбележува како Ден на полицијата и безбедноста, истакна командантот на Воената полиција, потполковник Роберт Тасевски.

Тој во својот поздравен говор посочи дека батаљонот на Воената полиција е формиран на 12 април 1992 година како прва единица на Армијата на Република Македонија. Додаде дека единицата во изминатите 22 години поминала низ неколку трансформации и успешно ги спровела процесите на стандардизација согласно земјите членки на НАТО алијансата.

- Денес како модерна, мобилна единица во рамките на ОСС концептот, учествуваме со борбена подготвена една воено полициска чета и вод кој е сертифициран со НАТО ниво оценување 2. Вака обучени докажавме дека можеме да се носиме рамо до рамо со коалициските партнери во извршување на мировните мисии во Ирак, Авганистан и Босна и Херцеговина, посочи Тасевски.

Заменик министерот за одбрана Емил Димитриев во својот говор им го честита денот на батаљонот на Воената полиција и додаде дека токму овој батаљон дава значаен придонес кон почита и довербата која АРМ ја ужива кај граѓаните на Македонија.

Основната мисија на батаљонот на Воената полиција е обезбедување на објектите на МО, ГШ на АРМ и командите на единиците на АРМ, обезбедување на личности и делегации, како и командни места и објекти од особено значење на бојното поле во услови на изведување на борбени дејства.

Денот на полицијата и безбедноста ќе го одбележат и припадниците на службата на военото разузнување и безбедност, кои се наоѓаат во секциите Г-2 и С-2 во структурата на командите и штабовите на АРМ.

На свеченото одбележување на Денот на батаљонот на Воената полиција беа наградени најуспешните припадници на единицата и беше презентирана дел од опремата со која располага. 

07.05.2014 - 14:07
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега