Стевчо Јакимовски распали по СДСМ - за вас се грижам како за ланскиот снег
Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски преку facebook им порача на своите довчерашни споратијци од СДСМ дека воопшто не се грижи дали ќе го примат назад во партијата или не.
„Не знам кој образ го има Андреј Петров да се појавува во јавност и тој да зборува во името на СДСМ, кога и членовите од СДСМ од Карпош не гласаа за него? Ако сака уште еднаш ќе му го аргументирам тоа со официјалните бројки на ДИК кои велат дека Стевчо Јакимовски во Карпош освои 19.764 гласа, (Јани Макрадули како кандидат за градоначалник на Скопје 14.288) а Андреј Петров 8.780 гласа. Најпаметно му е да се сокрие и повлече од политиката зошто тој нема кредибилитет да кажува кој треба, кој не треба да се враќа во СДСМ. Едноставно зборот на Андреј Петров не тежи ни грам, зашто тој едноставно веќе не е никаков фактор.
Што се однесува до мене, му порачувам нему и на неговите другарчиња од раководството, дека од 16 февруари наваму, за нив се грижам како за ланскиот снег. Затоа, уште еднаш ќе кажам, СДСМ не е моја грижа, ниту сакам тоа да биде. Слободно нека продолжат да уживаат во својата „загубарска“ политика“ - напиша Јакимовски на facebook.
Ваквата реакција на Јакимовски следи откако вчера, генералниот секретар на СДСМ, Андреј Петров излезе со став дека за Јакимовски нема место во СДСМ.