Средба Попоски-Кери: Наша стратегиска цел е прием во НАТО и во ЕУ

 

Министерот за надворешни работи Никола Попоски вчера во Вашингтон се сретна со државниот секретар на САД Џон Кери. Попоски нагласи дека стратегиска цел останува членството во НАТО и во Европската Унија.

- Тука имавме можност да размениме мислења со државниот секретар Кери и со министрите за надворешни работи од нашиот регион за приоритетите во следниот период. Она што ја преокупира јавноста е секако кризната ситуација во Украина и ова беше добра можност да се упати порака дека НАТО останува посветен на целта Европа да биде обединета и слободна, а таквата цел може да биде остварена само со членството на Македонија и останатите земји од нашиот регион во НАТО. Тоа што беше значајно е дека многу зборувавме за почитување на меѓународното право - најсилниот аргумент на Република Македонија - кој се надеваме дека ќе одекне и во оној главен град кој досега единствен остана глув на пресудата на Меѓународниот суд на правдата, изјави Попоски по средбата со секретарот Џон Кери во Атланскиот совет на САД.

Попоски се обрати на конференцијата на Атланскиот совет, посветена на минатите и идните проширувања на НАТО и на Европската Унија, на која настапи елитата на американската надворешна политика, од секретарот Кери, сенаторите Џон Мекејн и Кристофер Марфи и поранешните функционери и водечки експерти како Збигњев Бжежински и Роберт Каган и низа министри за надворешни работи и одбрана од Европа, а на утрешниот, втор ден, ќе се обратат и потпретседателот Џо Бајден и претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Баросо.

Министерот Попоски во своето обраќање на заеднички панел со министрите за надворешни работи на Албанија, Бугарија и Црна Гора, ја истакна потребата од прием на Македонија во НАТО на септемврискиот самит во Британија. И другите министри едногласно го поддржаа проширувањето на НАТО како одговор на кризата во Украина и мерка за засилување на стабилноста во регионот: - За нас ќе биде значајно и во овој период да докажеме дека сме солиден и посветен партнер во евро-атланските интеграциски процеси, а тоа го очекуваме и од нашите соговорници тука во Вашингтон. Македонија во секој случај ќе опстои на остварување на нашата стратегиска цел, која е во интерес и на остатокот од НАТО и на Европската Унија. Значајна беше пораката и од секретарот Кери и од сите земји членки на НАТО алијансата, а особено од нашите соседи, министрите за надворешни работи на Бугарија и Албанија, кои упатија јасна порака дека се посветени да ја остварат целта за обединета Европа, а во таа цел е знаачајно и членството на Македонија во Северно-атланската Алијанса и Европската Унија, изјави Попоски.

На заедничката панел дискусија, бугарскиот министер Кристијан Вигенин побара проширувањето на НАТО да не се претвора во бирократски процес и дека треба Црна Гора и Македонија ќе бидат примени за членки на самитот во Британија, со надеж дека дотогаш ќе се реши спорот за името меѓу Македонија и Грција.

Министерот за надворешни работи на Албанија Дитмир Бушати предупреди дека е потребно проширувањето да се забрза, за да не се остави простор за Русија да предивика поделби во регионот, преку Србија и Република Српска и користењето на гасот како оружје. Бушати повика на промовирање на Јадранско-јонската соработка во регионот, вклучително и за снабдување со гас и други енергенси, преку планираните постројки за увоз на втечнет гас во Хрватска и Албанија.

- Ние спроведуваме политика на чекај, ќе видиме, кон кандидатките за членство како Македонија и Црна Гора. Од друга страна, Путин врши “проширување” во кое нема никакви поглавја, преговори или чекање. Потребно е НАТО да сака да ги прими новите членки еднакво силно колку што Русија се бори за проширување, изјави Бушати.

 - Настаните во Украина даваат дополнителни причини зошто ЕУ и НАТО треба повеќе да се фокусираат на Западниот Балкан, да дадеме силен сигнал и да ги охрабриме земјите. Не треба процесот за прием во НАТО да го претвораме во бирократски процес во кој гледаме која земја какви услови исполнува, па потоа подготвуваме нов извештај... Ова е важна политичка одлука, и позиција на мојата земја е да ја поканиме Црна Гора, да се обидеме да го решиме спорот за и Република Македонија да може да биде поканета во НАТО, и можеби, да видиме дали сме подготвени да и ветиме на Грузија дека еден ден ќе биде членка на НАТО, додаде Вигенин.

Освен министрите од балканскиот регион, идејата за проширување на НАТО на самитот во Британија наиде на силна поддршка на експертите на Атланскиот совет Дејмон Вилсон и Иан Бжежински, како и на сенаторот Џон Мекејн и поранешниот американски пратеник на Балканот Роберт Гелбард.

Карен Донфрид, претседател на Германскиот маршалов фонд на САД, оцени дека е многу важно, на самитот во Британија, НАТО да испрати јасна порака дека вратата за проширување останува отворена, дури и ако ниту една нова членка не биде примена.

Секретарот Кери, во своето обраќање до Атланскиот совет, рече дека досегашните проширувања на НАТО помогнале за ширење на стабилноста и просперитетот во Европа.

- Оваа година одбележуваме низа на јубилеи, 15, 10 и 5 години од проширувањето на НАТО. Како што НАТО се ширеше, како организација, може да се каже дека ја ширевме и демократијата, просперитетот и стабилноста во Европа. Отворивме нови можности и поттикнавме еконмски раст низ светот. Без сомнеж може да се каже дека НАТО сторил повеќе за ширење на слободата и демократијата од било која организација во историјата. Можеме да бидеме задоволни од минатото, но не смееме да бидеме пасивни во сегашноста, изјави Кери.

Во серијата можности за проширување, покрај приемот на Македонија и на Црна Гора во НАТО, се и почнувањето на МАП процесот за Босна, Грузија или Молдавија, како и евентуалното членство во Финска и Шведска.

30.04.2014 - 09:16

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега