Нема потреба од отпор и страв од екстерното тестирање
Екстерното тестирање на учениците од основното и средното образование почнува од понеделник. Ќе се вклучат над 15.000 наставници и 200.000 ученици. Подготвени се тестовите и прашањата што ќе ги добијат учениците. Процесот, кој е масовен по опфатот на учесниците, генерално е поддржан од учениците, наставниот кадар и родителите, иако постои отпор кај многу мал дел поради страв од непознатото. Директорката на Бирото за развој на образованието Весна Хорватовиќ објаснува дека суштината на целото екстерно проверување не е насочено кон учениците, туку пред се кон објективноста на оценувањата на наставниците.
- Преку тестовите што учениците ќе ги пополнат, а кои треба да се базираат на нивните реални знаења ќе се направи согледување колку наставникот реално ги оценил учениците. Тестовите, односно прашањата се во согласност со она што учениците во текот на годината го учат по секој предмет. Не се претешки и се во согласност со она што се бара во наставната програма, вели Хорватовиќ.
Таа појасни дека тестовите содржат 30 прашања, за кои ученикот ќе има време од 60 минути да ги одговори, односно да заокружи едно од четирите понудени опции. Нема да имаат ништо за надополнување, а оценувањето ќе биде врз истите критериуми што ги применува наставникот во текот на годината.
- Нема потреба од каков било отпор и страв дека ќе има прашања што ќе бидат надвор од она што се учело во текот на годината и дека ќе биде построг критериумот во однос на оценувањето, истакна Хорватовиќ.
Според неа, не треба учениците да бидат ставени под една пресија дека треба да научат нешто во последните пет дена. Не е убаво, истакнува, на грбот на учениците да се создава и врши притисок дека треба да добијат повисоки оценки.
Подготвени се повеќе од 55.000 прашања по различни предмети по сите наставни предмети за основно, средно гимназиско и општо образовните предмети во средно стручно образование, со исклучок на предметите што се изучуваат од прво до трето одделение каде има описно оценување и предметите каде се проверуваат вештините и каде не може да се направат тестови, односно физичко, музичко, ликовно и техничко во основното образование.
Ќе се тестираат учениците од четврто одделение до трета година средно училиште. Исклучени се матурантите. Оценката која ќе ја добијат на екстерното ќе стои во свидетелството и ќе влегува во општиот успех на ученикот.
Проектот се најавуваше повеќе години. Од Владата истакнуваат дека не е ништо ново и смислено во последните 3-4 месеци. Тоа е системско мерење и мониторинг на достигнувањата на секој ученик, на наставниот кадар, достигнувањето на училиштето како целина и националниот образовен систем. - Станува збор за масовен проект кој е значаен и ќе биде основа за спроведување реформи во образовниот систем во иднина, сметаат во Владата.
Концептот е меѓународно познат и признат. Се применува во 30 европски образовни системи и во 24 земји од ОЕЦД. Емпириските докази покажуваат дека учениците имаат подобри резултати во земјите каде се применува екстерното тестирање, отколку во земјите каде нема екстерно тестирање. Нема еден модел, секоја земја го применува според потребите. Некаде тестирањето се врши на две години, некаде на три месеци. Во Владата посочуваат дека избраниот модел да се тестира на една година е најрационален. Во Европа се применува од 1946 година кога е воведен во Исланд.