Марјан Николовски: На крајот од бескрајот
Чуден е тој оптимизам. Фалсификат. Чекај има втор круг. Сега ќе се види. ДУИ ќе гласа за Пендаровски, тие што гласаа за ГРОМ сега ќе гласаат за Пендаровски. Неропределените се охрабрија, излегоа, ама сега на вториот круг ќе излезат масовно. 120.000 лесно се надокнадуваат… и се така со ред, веќе цел еден ден и цела една ноќ. Аххх… таа чудесна математика!
Поддржувачите на СДСМ кои ги среќавам, го градат својот оптимизам. Ако, тоа не е лошо. И добро е! Оптимизмот е добра работа, но лошо е што, никој од нив нема сериозен аргумент за дебата, на прашањето зошто СДСМ и Пендаровски, особено Пендаровски, за кој и јас тврдам дека беше најдоброто можно решение, кое СДСМ можеше во своите редови да го пронајде за претседателски кандидат, беа јако поразени. И токму тука е проблемот. Ако, Пендаровски изгуби 124.000 гласа разлика, како ли ќе поминеше некој друг партиски кандидат. На пример, Шекеринска? Една работа верувам им е јасна на “павелшатевска”, 320.000 гласа на Пендаровски, не се и гласови на СДСМ. Не барем едно 50.000. Тоа е таа иста бројка на гласови до 300.000, околу кои СДСМ се врти изминативе осум години. Врти сучи…И толку.
Заев тврди систематската кражба на гласови била причината што ВМРО-ДПМНЕ победува, а СДСМ губи сиве овие години. Каква е таа систематска кражба, не одговара. За фалсификат и нерегуларности зборува, а приговори до ДИК за гласањето не поднесува. До седум часот навечер на денот на гласање, за победа еуфорија шири, еден час пред полноќ шокираност глуми. Чудно! Власта гласови краде, ама баш толку колку што и треба да го победи СДСМ. Ни повеќе, ни помалку. Власта гласови краде, а Заев 300.000 гласачи брои и во Струмица, еве сега и во Центар победува!
Заев знае дека власта го краде, ама не знае како. Тој не знае, ама затоа знаат неговите медиумски покровители. Систематската кражба да ти била искомпромитиран изборен процес. Масовна корупција на избирачите, масовен поткуп на ранливите категории, пензионери, стечајци, студенти, земјоделци, невработени… А, што се оние 300.000 гласачи на СДСМ? Непоткуполиви? Елита? Економски независни од власта? Или пак тие се осознаени интелектуалнци, слободоумни демократи, доброчинители на иднината, со еден збор, вистински луѓе. Се останато е веројатно корумпирано, исплашено, глупо, сељачко, со еден збор багра. Едни се багра што гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, едно 430.000, а другите што воопшто не гласаат за СДСМ, едно 800.000. И кога ќе дојде СДСМ на власат, ако дојде, сите овие околу 1.200.000 да ги елиминира. По брза постапка. Така сите во државата ќе бидат интелектуално осознаени, а на тој начин и демократијата во Македонија ќе биде загарантирана.
Како изгледа тој масовен поткуп на гласачите во Македонија за кој зборуваат медиумските мегафони на опозицијата? За нив поткуп е зголемување на социјалната помош. Зголемување на платите на администрацијата. Континуран раст на пензиите. Поткуп за нив е субвенционирање на земјоделието. Поткуп е веројатно и можноста за вработување во некој од погоните на странските инвеститори. Тоа е тој поткуп, за кој тие зборуваат. Тоа што тие за поткуп го дефиниораат, во светот се нарекува функционална држава. Грижа за социјалниот карактер на општеството, нешто на што државата, односно власта, е уставно обврзана тоа да го прави. Ако за ваков поткуп зборува опозицијата, тогаш уште долго ќе остане таму кај што е сега и ќе има многу време за анализи. За секој друг поткуп, треба да приложи докази. Онаму каде што се доставуваат докази.
Точно дека е тешко да се разбере новата политичка филозофија на водење држава што ја наметна оваа власт, но СДСМ имаше повеќе од доволно време да научи нешто. Ако по седми пат не ја поминеш годината, тогаш имаш сериозен проблем со капацитетот за учење. Ако не можеш да научиш, решението не е да го смениш школото, туку да го смениш умот.
СДСМ одамна требаше нешто да смени. Да ја смени политиката. Игранката со смена на лидерите е забава за една ноќ.
Овој коментар сакав да и го посветан на една Рејтинг агенција, за чиј крај пишував десет дена пред изборите, ама ме фати грев. Бадијала е трошење реченици за некој кој во мерење на јавното мислење прави статистичка грешка од 500%.
Марјан Николовски -Новинар
Денешен
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа