Истражувачи на Алкалоид решија голема мистерија

 

За прв пат во светски рамки, истражувачкиот тим на фармацевтската компанија „Алкалоид“ заедно со две научно-истражувачки лаборатории, ја реши кристалната структура на соединението фолкодин монохидрат кое за пациентите кои страдаат од интензивна сува кашлица, повеќе од половина век е достапно во форма на сируп и капсули.

Познавањето на кристалната структура и полиморфизмот (можност едно хемиско соединение да постои во повеќе различни кристални форми) на секое фармацевтски-активно соединение, е исклучително важно за детално дефинирање на физичко-хемиските својства и физиолошката активност.
 
Иако не беше позната неговата кристална структура, фолкодин монохидратот во вид на капсули и сируп против интензивна сува кашлица се наоѓа во активна медицинска употреба во светски рамки уште од средината на минатиот век. Досега беа неразјаснети некои аспекти во врска со физиолошкаѕа активност на соединението, најверојатно како последица на непознавањето на неговата структура. Сега, со разјаснување и дефинирање, се очекува да биде проширена и модифицирана примената на фолкодин монохидратот.
 
Резултатите од ова значајно откритие се објавени во научното списание „Кристален раст“ (Journal of crystal growth) во вид на оригинален истражувачки труд под наслов „Фолкодин монохидрат: Кристална структура и полиморфизам“. Ѓорѓи Петрушевски, вработен во Институтот за истражување и развој на „Алкалоид“ го иницирал оваи стражување, како дел од неговата докторска дисертација водена под менторство на  проф. Петре Макрески од Институтот за хемија при Природно-математичкиот Факултет во Скопје, а во соработка со колеги од Природословно-математичкиот факултет од Загреб, Хрватска и Институтот за хемија при ПМФ.
 
Ова научно постигнување претставува огромен успех за македонската наука бидејќи претставува пионерско истражување од овој тип раководено од македонски научници под покровителство на „Алкалоид“, што претставува поттик за понатамошна соработката на оваа компанија со научните институции во Македонија.

најчитано сега