Вежба: Струмица во пламен - 20 лица тешко повредени

Заменикот министер за здравство, Јовица Андовски, денеска, ќе присуствува на симулациска вежба за проверка на подготвеноста на службите за итна медицинска помош во струмичкиот регион, со тема Шумски пожар со поголем број повредени и со изгореници”.
 
Министерството за здравство, во соработка со СЗО и Црвен Крст на РМ ги испланирале симулациските вежби со цел да се подигне степенот на подготовка при кризни состојби.
 
Во симулациската вежба ќе учествува службата на Итна медицинска помош при Здравствен Дом-Струмица, Општата Болница-Струмица, и Црвен Крст на РМ, во соработка со СЗО. Исто така, дел од вежбата ќе бидат и претставници од МВР, ЦУК, ДЗС, ПП служба од Струмица и општина Струмица.
 
Симулациската вежба се организира во рамки на двегодишниот договор за соработка меѓу Министерството за здравство и Светската здравствена организација, а како дел од приоритетот:Здравствена безбедност, одговор и подготовка при кризни состојби.
 
Станува збор за симулација со 20 повредени пациенти, од кои 2 со потешки фрактури, 2 со повреди на екстремитети, 8 со изгореници на различни делови од телото, 4 со труење со чад и изгореници на дишните патишта, 2 со конјуктивит и 2 лица со напад на паника. Вкупно ќе бидат ангажирани 6 санитетски возила и тоа: 3 од општа Болница и 3 од Итната медицинска помош во Струмица.
 
-Со цел за успешно спроведување на планираниот приоритет изработени се тријажни картони со упатство за нивна примена. Тријажните картони се подготвени со цел да се користат за време на симулационата вежба и во иднина, како од службите за итна медицинска помош, така и од ургентните центри и клиниките/болниците за тријажа и укажување прва медицинска помош при зголемен број на повредени/заболени во исто време, како универзален систем за означување/регистрирање на пациентите, информираат од Министерството за здравство.
 
За правилна подготовка за навремено и исправно укажување на итна медицинска помош при масовен трауматизам од страна на ЈЗУ Здравствен Дом-Струмица бил подготвен оперативен план на активности пред и во тек на масовни несреќи на територија на Струмица.

најчитано сега