Ставрески: Ова е најдобрата програма направена во последните 20 години

 

Вчера беше презентирана најдобрата, најобемната програма која била направена последниве 20 години, од било која политичка партија во Македонија. Бидејќи програмата брои рекордни 2046 проекти, кои се однесуваат буквално на сите граѓани на Република Македонија, беше практично невозможно наеднаш да се објаснaт сите проекти. За да се запознаат граѓаните со проектите, со понудата на програмата, во наредниот период поподробно ќе ги објасниме, презентираме, барем најважните од нив, оние кои се однесуваат на побројни категории граѓани, оние кои ќе донесат најголема корист за стопанството, образованието и други клучни сектори. Денеска јас ќе се осврнам на топ проектите од мојот ресор, економија и финансии.

Пред пет години се случи најголемата економска криза во светот во последните 80 години, проследена со длабока должничка криза во Европа. Иако Македонија подобро се справи со кризата од многу посилни европски земји, последиците врз одделни фирми и граѓани не можеа целосно да се избегнат. Кај граѓаните тоа е најизразено преку неможност навремено да ги плаќаат достасаните обврски, што води кон голем број извршни и судски решенија. 

1.         Со цел да им помогнеме на најранливите категории граѓани, програмата предвидува една многу конкретна и значајна мерка –

Еднократен отпис на долговите на граѓаните за струја, парно, банки и радиодифузна такса. Поконкретно:

Ќе се отпишуваат следните долгови:

•        Неплатени сметки за електрична eнергија кои се утужени и неплатени подолго од 12 месеци. За долговите кои се достасани, а неплатени пократко од 12 месеци, ќе настојуваме ЕВН да одобри 6-8 годишен репрограм.

•        Долгови спрема банките по основ на кредитни картички, минусни салда по тековни сметки и потрошувачки кредити, кои се достасани а неплатени подолго од 12 месеци и не се обезбедени со движен или недвижен имот.

•        Неплатени долгови за парно греењe. 

•        Долгови по основ на радиодифузна такса.

Корисници на правото на отпишување на долгови ќе бидат:

- Лица кои се корисници на социјална помош;

- Лица кои подолго од 12 месеци се евидентирани како невработени лица и кои активно бараат работа во евиденцијата на Агенцијата за вработување

- Лица кои поради семејна несреќа (смрт на еден од сопружниците или потешка болест или губење на работната способност) се доведени во состојба да не можат да ги отплатат долговите 

Услови кои треба да ги исполнуваат овие лица се:

- Долгот да настанал до 31.12.2013 година (за да не се злоупотребува оваа мерка во иднина, односно нарочно да се создаваат долгови)

- Доколку лицето кое бара отпис на долгот е во брак и неговиот брачен другар треба да е невработен

- Ако има приходи по други основи (ренти, субвенции и сл.), кумулативниот годишен приход за претходната година да не е повисок од 105.600 денари (12 месеци по 8.800 денари колку што е минималната плата)

- Лицата да немаат во своја сопственост или во сопственост на сопружникот друг станбен објект за живеење, освен оној во кој живеат сами или со своето семејство.

Oтписот на обврските од страна на економските субјекти ќе се изврши на доброволна основа, преку одобрување на даночен кредит од страна на државата во висина на отпишаните обврски. Овој проект планирано е да се реализира до септември 2014та година.

2.         Плати 

Во следниот четиригодишен период, доколку не се случи сериозна надворешна криза, Владата ќе ги зголеми платите на просветните, здравствените, социјалните и културните работници, полицијата и војската и сите вработени во јавниот сектор по 5% секоја година, почнувајќи од октомври оваа година. Вкупното зголемување на платите во следниот мандат ќе изнесува 21,5%. 

3.         Земјоделие

Ќе продолжиме со голема поддршка на земјоделците. ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди вкупно 600 милиони евра за развој на земјоделството и руралните средини, односно по 150 милиони евра секоја година! Ова е историски највисок постигнат износ за поддршка на македонскиот земјоделец обезбеден од македонската држава! За дополнителна помош на земјоделците ќе ја намалиме и стапката на ДДВ од 18% на 5% за сточна храна, адитиви за сточна храна и жив добиток, со што директно ќе се стимулира производството на месо и млечни производи.  Воедно ќе се градат голем број на хидросистеми, меѓу кои брана Конско во Гевгелија, Маркова река во Струмица, Јужновардарска долина 2 фаза, Оризарска река и многу други. 

4. Мерки за младите семејства - ќе им помогнеме најдиректно преку:

-        намалување на стапката на ДДВ од 18% на 5% за набавка на училишен прибор. Тоа е многу подобро и покорисно решение од мерката на СДСМ за еден викенд во годината без ДДВ за училишен прибор. Ние ќе овозможиме цела година, 365 дена во годината, набавка на училишен прибор со повластена, ниска стапка на ДДВ од 5%.

-        намалување на стапката на ДДВ од 18% на 5% за набавка на бебешки производи. Ова е голема поддршка на младите родители, кои по пониска цена ќе може да набавуваат се што е потребно за бебињата: колички, пелени, и се друго.

-        намалување на каматните стапки во проектот Купи куќа купи стан, и тоа првите три години наместо досегашните 4,9% каматната стапка ќе изнесува 3,95%, а во четвртата и петтата година наместо 5,5% ќе изнесува 4,44%. 

5. Мерки за домашните компании

Во наредниот период продолжуваме со поддршка и на бизнис секторот, за истиот да може поуспешно да работи, да расте и да вработува повеќе луѓе. Во новата програма има посветено посебен сет на мерки за поддршка на македонските компании.

- И во следните четири години со ВМРО ДПМНЕ Македонија ќе задржи најниски даноци во Европа и ќе биде земја со најповолна бизнис клима во Југоисточна Европа. Преку реализацијата на многу инфраструктурни проекти и издвојување на висок износ на буџетски средства за капитални инвестиции, и натаму ќе обезбедуваме работа за македонските градежни компании и за над 25 индустриски гранки поврзани со градежништвото.

- На малите и средни компании, ќе им обезбедиме пристап до нови 100 милиони евра кредити со субвенционирана каматна стапка од 5,5%.

- Дополнително ќе извршиме докапитализација на МБПР со 10 милиони евра, односно по 2,5 милиони евра годишно, со што македонските компании ќе можат да го финансираат своето производство наменето за извоз и земјоделското производство, како и откупот и извоз на земјоделски производи.

- Домашните фирми ќе добијат финансиска поддршка и поддршка во процесот на добивање на меѓународни сертификати за зголемување на квалитетот на производите и нивна поинтензивна интеграција во ланецот на снабдувачи на странските фабрики кои работат во ТИРЗ и индустриските зони.

- Преку Фондот за иновации ќе обезбедиме финансиска и експертска поддршка за новите компании со иновативен капацитет. Истовремено, секоја година по осум македонски новоформирани компании ќе имаат можност за престој во бизнис акцелератор во САД-Силиконската долина со цел да се доразвие и унапреди нивниот бизнис.

Ќе продолжиме со имплементација на мерки со кои дополнително ќе се поедностават административните и регулаторни процедури за започнување бизнис, добивање градежни дозволи, добивање приклучок за електрична енергија, прекугранично тргување, регистрирање имот, заштита на инвеститорите, зајакнување на системот на иновации и истражување, спроведување на договорите и стечајните постапки.

Ова се само дел од големиот број проекти и мерки наменети за граѓаните и домашните компании предвидени во програмата. Со нас и граѓаните и фирмите одат на проверено. И секако, погледнете ги и споредете ги понудите на партиите во делот економија и финансии, а и во целина. Дефинитивно - има разлика.

 

(Интегрален текст од прес конференција на Зоран Ставрески носител во четвртата изборна единица од ВМРО-ДПМНЕ)

06.04.2014 - 13:00

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега