Марјан Николовски: Крајот на една Рејтинг агенција

 

Паушална, елементарно неиздржана, со политички речник кажано дилетантна. На фалуклтет за политички науки, онаму каде што предава Ѓоги Спасов, се добива 4, не 5, туку четворка за методологијата по која е правена последната анкета на “реномираната” агенција Рејтинг. А кога почетокот е промашен, тогаш резултатот е небитен. Народски кажано лажен. Има и друга дефиниција – манипулација, тоа така се дефинира кога нешто е во нечија функција. Можеби и тоа е основата.

Но, ајде да не биде дека оценката е пристрасна и неоснована, ќе се обидам да направам една анализа на анкетата на “почитуваната” Агенција Рејтинг. Анализа заснована на моето новинарско искуство од 13 години, во кои во Македонија имаше 12 изборно-референдумски циклуси, и чии резултати и анкети редовно ги следам и анализирам. И предизборно и постизборно. Паралелно ги имам анализирано и претходните девет изборно-референдумски цикуси.

Рејтинг денеска објави анкета, во која потенцира дека е спроведена телефонски во сите шест изборни единици во период од 4 дена, на репрезентативен примерок од 1560 испитаници. Обично во Македонија испитувањата се прават на репрезентативен примерок од 1200 испитаници, бројката треба да значи дека веродостојноста е поголема, бидејќи опфатот е поголем, иако вистинскиот репрезентативен примерок треба да биде најмалку на 0,1% од таргет групата, која во случајот е лица со право на глас, или според последниот избирачки список тоа е бројка од  најмалку 1779 лица. Но тоа не е предмет на анализата.

Каде е манипулацијата во анкетата на Рејтинг?  Бидејќи најинтересен е рејтингот на претседателските кандидати, фокусот на ова анализа е насочен таму, иако останатите прашања, ако посебно се анализираат, ќе се види дека се манипулативно насочени, нешто што е елементарно недозволиво за испитување на јавното мислење, ако нели сакате да добиете реален резултат.

Според Рејтиг, на претсојните претседателски избори, резултатот би бил следен:

Стево Пендаровски би добил 36,9% од испитаниците;

Ѓорге Иванов би освоил 35,1%

Илијаз Халими 9,4%

Зоран Поповски 1,9 %

Неопределени 16,7 %

Тоа се резултатите што ги предвидува Агенцијата Рејтинг. Е, сега! Што покажува оваа анкета? Ништо спектакуларно за анкетарите на Рејтинг, веројатно! Според оваа анкета излезноста на следните претседателски избори ќе биде, ни помалку, ни повеќе, туку 83.3% ????

Сериозна агенција која сака да се занимава со испитување на јавното мислење и притоа сака да влијае во јавноста со резултатите од анкетата, прво ќе мора себе си да си одговори, а потоа и на јавноста да и објасни, врз основа на која методологија извади дека на следните претседателски избори во Македонија ќе излезат на гласање 83.3%, или преведени во реални гласови  1.482.383 гасачи. Толку според Рејтинг ќе биде излезноста на Претседателските избори.

Која е таа сериозна рејтинг агенција, која може да предвиди излезност на изборите од 83.3%, ако просекот на излезност на последните 12 изборни циклуси се движи од 55 до 65 проценти? Серизона агенција, која сака да претендира нејзините анкети да бидат релевантни, кога на крајот од испитувањето, откако ќе ги сумира резултатите и ќе добие податок со ваква фрапантна излезност, бара одговор на ова прашање. Зошто толкава излезност? Од каде токава излезност? И сето тоа врз основа на нови истражување ќе и го објасни на јавноста.  Во оваа анкета одговр на ова прашање нема. Ако одговорните од Агенцијата немаат одговор на овие прашања, тогаш јас сакам да ми посочат кога во Македонија и на кои избори имало излезност над 80%. Ако за нив тоа не е битен податок, кој нели произлегол од испитувањето, за мене е најважен и сметам дека тоа треба да се објасни.

Чисто колку за информација на Агенцијата Рејтинг, не за друго, туку нека си го имаат в предвид податокот за себе. Избори со најголема излезност, иако оспорувани и сосема јасно фалсификувани, во Македонија се слулчија во 1994 година. И тоа во делот за претседателските избори, кога победи Киро Глигоров во првиот круг. Излезноста беше 76,2%.

Вториот податок, кој исто така ниту од далеку има здрав разум според оваа анкета, е пресметката во реални гласови. Знаете, анкетите се математика. Не се нити желби, ниту импровизации. Не се политика. Чиста математика и тука нема лажење, нема егзибиции. Процентите го одредуваат приближно бројот на реални гласови, или коефициент, каде што негаде се нарекува.

36,9 –те %, значат дека Пендаровски ќе треба да освои околу 656.592 гласа. Колку оптимистички? Кое е објаснувањето на Рејтинг, како СДСМ, партија која е предлагач на Пендаровски, од најдобриот резултат на Црвенковски во 2011, од поседните шест циклуси од 368. 496 гласови, ќе дојде до 100% зголемување??? Или како од 264.828 гласови, што Љубомир Фрчковски ги освои во 2009, ќе дојдоа до фантастични 391.764 нови гласови? Што е тоа што се случи во Македонија, па 250% порасна рејтингот на опозицијата? Чума? Војна? Елементрани непогоди? Што? Што е тоа, што го прави овој резултат, а  Рејтинг не го кажува?

Еве уште еден податок, кој можеби ќе им послужи во иднина на Рејтинг. Највисок број на гласови, кој, кога било ги освоил, ако се иземе сомнежот за фалсификат, е Киро Глигоров во 1994-та. Беше избран за Претседател на Македонија со 52,4% од запишаните гласачи, тогаш 1.368.000, или за него гласаа 716. 832 гласачи.

Затоа сега пак прашувам, што е тоа што Рејтинг го знае, а не го соопштува, а е причина што Пендаровски го делат само 60.240 гласа од резултатот од 1994?

Албанските гласачи? Еве од мене одговор и за тоа. За албанските гласачи. Илијаз Халими, според Рејтинг би добил 9,4% од гласовите. Тоа вака паушално, без анализа покажува две работи. Прво џабе надежта дека албанските гласови ќе отидат кај Пендаровски, бидејќи, ако е точна, оваа анкета тоа го демантира. И доаѓа како тејк-даун за СДСМ. Со 9,4% за Халими и ДУИ треба сериозно да се замисли. Тоа значи дека идејата за консезуален претседател што ја форсира ДУИ и за која тера кампања е поразена од своите. Од Албанците! Зошто? Еве зошто!. 9,4% пресметано во реални гласово се 167.262 гласа? Тоа е резултат за кој и Мируше Хоџа и Агрон Буџаку заедно можеа да сонуваат во 2009-та? Уште нешто. Овој рејтинг на Халими е раст од фантастични 450% за ДПА во споредба со резултатот од претседателските избори во 2009. Или еве уште една анализа. Ако просекот на излезени албански гласачи на сите избори во Македонија во просек е околу 265.000, тоа значи дека ДПА го гази ДУИ. Ако партијата на Тачи го повтори резултатот на Халими на претседателските избори, тогаш лошо му се пишува на Ахмети. Тоа е повеќе од 60 % од гласачкото албанското гласачко тело, или раст на ДПА од последните зибори за фантастични 120%. Ве молам! Дајте бе одговор на овие прашања? Како на ДПА и расте толку… рејтингот!

За сериозна Агенција ваквите податоци, кога ќе го види во анкетата што сама ги направила се аларм дека нешто не е во ред. И кога ќе даде соодветен одговор на овие прашања, ама направени врз издржана анализа, можеме да дебатираме.

Но, што всушнот направила Агенцијата Рејтинг? Еве што!. Прво податокот за репрезентативен примерок од 1560 испитаници е неточен, затоа што на секое јавување, на кое анкетарите добиле одговор нема да гласам, не знам, не сакам да одговорам, не ме интересира, тие не ги евидентирале во анкетата, туку ги заменувале со други. И се така додека не добиле одговор. Колку е тој реален примерок? Ич! Нула!. Колку повеќе имрповизирате со нови испитаници, толклу погрешен резултат добивате. Затоа што ако некој се изјаснил дека не е заинтересиран не можете да го избачите од репрезентативниот примерок и да внесете нов. Колку пати се сменети и резултатите додека не го добиете одговорот дека некој ќе гласа за Пендаровски? Одговор имаат анкетарите. Реалниот примерок можеби е и повеќе од 3500 или 5000 испитаници. Или со прост речник, “врти додека не ти каже некој дека ќе гласа за Стево!”

Обидот да се испере оваа, за мене срамна анкета на Рејтинг, срамна, затоа  што и Заев, а Пендаровски лично и уште најмалку десетина од врвот на СДСМ, типуваат на минус  50.000 гласа на контонто на Пендаровски во првиот круг, нешто што го претставуваат како добар успех за пред парламентарните избори. Не ја амнестира оваа безвредна анкета пласирање во јавност на историјат на анкети што ги правела оваа Агенција. Не спорам дека Рејтинг во 2008, 2009, па и 2011 до некаде ги предвиде изборните резултати, но важно е да се знае позадината зошто тоа беше така. Една од нив е што Рејтинг, за потребите на Дневник, едно време правеше анкети со порелевантни резултати, само со еден мотив. Револтот што го имаше Професорот Спасов кон тогашното раководство на паријата, кое одлучи да го стави на дистанца од врвот на партијата.

Мислам  дека не е вредно да се анализира, но добро е да се напомене кој е нарачател на анкетата. Ви значи ли нешто политиката на неделникот Фокус? Фала Пријатно!

Што ќе се случи на 13 и 27 април? Од моето искуство и од анализите на анкетите пред и по изборите, ако се анализраат сегашните анкети, проценките се дека разликата меѓу Иванов и Пендаровски во првиот круг ќе биде над 150.000 гласа. Тоа е вовед во можноста ВМРО-ДПМНЕ да ја помине магичната граница од 497.392 гласа, што Црвенковски ја освои на изборите во 2002 и да стане партија со историски наголем изборен резултат во две децениската независност на Македонија. Обично не грешам во проценките, но мислам дека овој пат ќе направам утка со прогнозата за 66 пратеници.

Марјан Николовски за Денешен

04.04.2014 - 23:05

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега