МТСП продолжува со грижата за децата со аутизам

 

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и аспергеров синдром „Во мојот свет“ – Скопје денеска на симболичен начин го одбележаа Меѓународниот ден на аутизмот - 2 април, редејќи голема сложувалка-симбол на оваа состојба пред Дневниот центар за деца со аутизам.

- Дневниот центар за аутизам работи како организациски дел на Центарот за социјална работа на Град Скопје. Центарот обезбедува дневно згрижување. Овој капацитет овозможува една квалитетна грижа за децата со аутизам и индивидуален третман и пристап на секое дете поединечно. Во Дневниот центар за аутизам работат професионалци - логопед, психолог, дефектолог и негувателка. Во моментов Дневниот центар го посетуваат пет деца кои добиваат комплетен третман плус тие дечиња имаме и други кои посетуваат индивидуални третмани. Центарот нуди стручно-консултативна помош за родителите, односно сите развојни потреби и однесувања на нивните деца, изјави директорката на Центарот за социјална работа на Град Скопје Билјана Јарчевска.

Дневниот центар за деца со аутизам, кој е прв од ваков вид во Македонија, е сместен во објектот на Заводот за рехабилитација на деца и млади. За неговата реконструкција, адаптација и опремување во буџетот на МТСП биле обезбедени средства во вкупен износ од 3.167.224 денари, вклучително и средствата за новите вработувања на дополнителниот број стручни лица за неговите потреби.

Професорот Љупчо Ајдински, дефектолог, вели дека работите за борба со аутизмот и унапредување на правата на овие лица во изминатите години се придвижуваат. Формирани се, рече, здруженија на родители кои имаат вакви деца, но и Македонско-научно здружение за аутизам. Според него, функционирањето на овој Центар е од исклучителна важност за ваквите деца и оти такви центри треба да се отвораат и во другите градови. Тој вели дека во Македонија се уште нема точен број на деца со ваква состојба, но оти тој број е голем и оти се зголемува, но и дека не се знаат причините поради зголемувањето.

Досега МТСП има отворено 24 дневни центри за деца со пречки во менталниот развој, а се планира во иднина таков да се отвори и во Струмица, Валандово и Охрид. Во тек се активности за подготовки на Центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години и нивните семејства во местото на живеење како заедничка иницијатива на МТСП со Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ и Градот Скопје.

Се планира и  отворање дневен центар на деца со оштетен вид на помала возраст кои не се опфатени со ниту една форма на едукација или рехабилитација. 

02.04.2014 - 15:08

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега