Сенаторка со грчко потекло конечно изговори Македонија

Поранешната американска сенаторка со грчко потекло Олимпија Сноу, не даде прецизен одговор дали жали за нејзините ставови во врска со спорот меѓу Македонија и Грција, но, сепак, го употреби вистинското име на нашата земја, пренесува Македонската информативна агенција.

Сноу во Сенатот беше непопустлив противник на приемот на Македонија во НАТО и беше препознатлива по користењето на зборот БЈРМ, особено откако САД го признаа уставното име на Република Македонија.

- Оваа одлука требаше да биде донесена во Обединетите нации, меѓу Грција и Македонија. Тие дискусии требаше да се охрабруваат од двете страни, и од членките на Обединетите нации кои требашe да ги охрабрат земјите да седнат и да постигнат договор за употребата на името, a не одлуката да се донесе еднострано, кусо изјави Сноу на прашањето на МИА дали чувствува и лична одговорност за влијанието во Вашингтон кон спорот за името.

Сноу оцени дека, по кризата во Европската унија, за Македонија навистина е намалена привлечната моќ од приемот во ЕУ.

Во текот на својата кариера, Сноу ја обвинуваше Македонија за територијални претензии кон Грција и ширење на непријателска пропаганда, и бараше повлекување на признавањето на уставното име на нашата земја. По неочекуваното пензионирање на почетокот на годинава, по повеќе од 30 години поминати во Конгресот, Сноу се промовира како активист за градење компромис меѓу спротиставените републиканци и демократи во Конгресот, тема на која напиша и книга, која во моментов ја промовира низ САД.

Извор: МИА

најчитано сега