Скопје: Фатен бугарски бизнисмен за финансиски криминал тежок 455.000 евра
Управата за финансиска полиција поради постоење на основано сомневање за сторен финансиски криминал тежок 455.000 евра го уапси бугарскиот бизнисмен Љ.П(42), сопственик и управител на градежната фирма “Интернешенал Инвестмент Груп“ ДОО од Скопје
Пријавениот се сомничи дека потпомогнат од второпријавениот О.М(27), државјанин на Република Бугарија и третопријавениот Џ.Д(42), државјанин на Република Македонија, со цел да се стекне со противправна имотна корист, во периодот од 01.01.2012 година до 28.02.2014 година, свесно и со однапред утврдена намера поднел Даночни пријави на данок на додадена вредност со фиктивни податоци. Врз основа на ваквите даночни пријави, бугарскиот бизнисмен успеал да изврши поврат на ДДВ во износ од 225.000 евра за кој износ го оштетил Буџетот на Република Македонија. Со цел да се стекне со уште поголема материјална корист и да добие на располагање парични средства во кеш, првопријавениот Љ.П(42) со помош на второпријавениот бугарски државјанин О.М.(27) и третопријавениот Џ.Д(42) државјанин на Република Македонија, од име на фирмата “АИГ Интернешенал Консалтинг“ изготвиле 2 (две) фиктивни фактури на износ од вкупно 1.046.295 евра, и од име на фирмата „Сан Фармерс – Фуд“ изготвиле 3 (три) фиктивни фактури на вкупен износ од 840.000 евра.
Врз основа на добиените 3 фиктивни фактури од Сан Фармерс – Фуд, првопријавениот Љ.П(42) како сопственик и управител на фирмата “Интернешенал Инвестмент Груп“ во повеќе наврати во периодот 2012 - 2013 година префрлил парични средства во вкупна вредност од 439.000 евра на фирмата Сан Фармерс – Фуд за наводно извршени работи како подизведувач на градежните работи кои ги изведувала “Интернешенал Инвестмент Груп“ на територијата на Република Македонија иако основна дејност на Сан Фармерс – Фуд е трговија на големо со месо и производи од месо, нема ниту еден вработен, нема деловен простор, ниту пак било каква опрема за изведување на градежни работи.
Третопријавениот Џ.Д(42) кој е овластен потписник на сметката на фирмата Сан Фармерс – Фуд, уште истиот ден кога парите биле уплатени на сметката ги подигал во готово од банкарската сметка на Сан Фармерс - Фуд ДООЕЛ од Скопје отворена во НЛБ Тутунска Банка - Скопје и истите му ги враќал на првопријавениот Љ.П(42). Со цел да ја избегнат сомнителноста на трансакциите кои банката е должна да ги пријави до надлежните институции, прво и третопријавениот парите ги уплаќале и ги извлекувале од сметката на Сан Фармерс - Фуд ДООЕЛ Скопје во готово во помали износи кои не надминувале 900.000,00 денари.
Со цел да го прикрие делото првопријавениот Љ.П(42) изготвил и поднел завршни сметки за 2012 и 2013 година со невистинити податоци за приходи и расходи, и на тој начин ја намалил добивката и затаил данок на добивка во износ од 230.000 евра.
Поради тежината на стореното кривично дело и износот на причинетата штета, по барање на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Скопје на првопријавениот бугарски бизнисмен Љ.П(42) , од страна на судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1-Скопје изречена му е мерка притвор во траење од 30 дена, додека второ и трето пријавениот во моментов се недостапни за органите на прогонот.
Акцијата за откривање и документирање на случајот, Финансиската полиција ја спроведе во соработка и со помош на Царинската управа на Република Македонија и Управата за јавни приходи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа