Се исполнија барањата на земјоделците и таксистите - ова се законските измени во патниот сообраќај
Министерството за транспорт и врски денеска промовираше измени во Законот за патен превоз, кои ќе ги задоволат барањата на такси здруженијата и индивидуалните земјоделци од село Виничани.
Првата изменач ќе овозможи семејните земјоделски стопанства кои немаат основано фирма, а имаат најмалку две возила кои ги користат за превоз на производите, да добијат потврда од Министерството.
-Со издавањето на потврдите всушност овие превозници ќе бидат легализирани со што ќе се избегнат казните кои досега ги добивале овие лица, објасни министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Како што истакна министерот, потврдите ќе се издаваат во важност од пет години со можност за продолжување за уште пет години.
Втората измена се однесува на авто такси превозниците. Таа ќе овозможи сите возачи да добијат сертификат дека извршуват должност за возење на такси. Сертификатите ќе ги издаваат општините и Градот Скопје.
-Досега само такси компаниите имаа сертификати, а отсега и самите возачи ќе треба да имаат посебен сертификат, а тоа значи дека истите ќе ги сносат последиците доколку направат некој прекршок, но и полесно ќе можат да се префрлат од една во друга компанија, рече Јанакиески.
Третата измена во Законот за патен превоз ќе овозможи бесплатен меѓуградски превоз лицата со инвалидност и нивните придружници.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов посочи дека оваа законска измена ќе се однесува за само шест повратни карти во меѓуградскиот сообраќај годишно.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа