Добри вести: Проширувањето ќе биде на агендата на Самитот на НАТО
На Самитот на НАТО во Велика Британија, што ќе се одржи во септември, ќе биде поставено прашањето за проширување, најави американскиот Стејт департмент, повикувајќи ги Македонија и Грција што е можно поскоро да го решат спорот за името.
Како што јавува МИА, ваквата најава доаѓа откако 40 конгресмени упатија писмо до Стејт департментот, со поддршка за прием на Македонија и Црна Гора во НАТО и за придвижување на Босна и Херцеговина, Грузија и Косово кон Алијансата.
Портпаролката на Стејт департментот, Мари Харф, пишува МИА, потврдила дека писмото е добиено, нагласувајќи дека САД остануваат посветени на тоа НАТО да има политика на отворена врата.
- Мислам дека тоа го кажавме на сите самити на НАТО. Исто така јасно кажавме дека аспирантите за НАТО мора да ги исполнат стандардите за членство за НАТО. Како што работат во таа насока, ние ќе ги поддржуваме во тие напори. Конкретно за Македонија, НАТО имаше согласност на сите членки дека поканата за членство во Алијансата ќе и биде упатена кога ќе се најде заемно прифатливо решение за спорот за името. Се надеваме дека лидерите на Македонија и Грција ќе најдат решение на спорот за името што е можно поскоро. Сигурна сум дека проширувањето на НАТО ќе биде тема на самитот во Британија, изјави Харф.
Ова е прва најава на Вашингтон дека проширувањето ќе биде тема на Самитот. Грција, досега, се обидуваше да издејствува на самитите на НАТО воопшто да не се постави оваа тема. Но, со кризата во Украина, во САД се засилија повиците на конгресмените и експертите да се забрза проширувањето на НАТО, како еден од одговорите на руското ширење во Крим.
И украинскиот премиер Арсениј Јацењук, кој завчера оствари средба со американскиот претседател Барак Обама во Вашингтон, го посочи запирањето на ширењето на НАТО по самитот во Букурешт во 2008 година, како причината зошто Русија обезбеди независност на две области во Грузија, а сега турка референдум за независност на украинската област Крим.
На самитот во Букурешт, беше одбиено барањето на Грузија и Украина за отпочнување на МАП процесот, кој е првиот чекор кон членство во НАТО.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа