Македонија, Црна Гора, Босна, Грузија и Косово заедно за проширување на НАТО

 

Македонската дипломатија во САД застана на чело на напорите на земјите кандидатки за членство во НАТО, кои по избувнувањето на кризата во Украина го поставија прашањето на проширување на Алијансата.

Во Конгресот на САД во средата се одржа заеднички настап на амбасадорите на Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Грузија и заменик амбасадорот на Косово, кои заеднички го претставија своето барање за прием во НАТО, односно за отворање на МАП процесите и прием во Партнерството за мир. Сличната иницијатива на земјите - аспирантки, пред Самитот на НАТО во Чикаго во 2012 година, доведе до ветувањето на државниот секретар Хилари Клинтон дека следниот самит ќе биде самит на проширување. Но, оваа година, подготовката на самитот се совпадна со драматичната криза во Украина, која одеднаш прашањето на проширување на НАТО го исфрли меѓу
приоритетите на САД.

- Русија спроведува распарчување на Грузија, Молдавија, Украина. Не можеме веќе да играме одбрана, треба да тргнеме во напад. Мораме да покажеме дека проширувањето на НАТО се уште трае и да ги придвижиме напред Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Грузија и Косово, изјави Дејмон Вилсон, потпретседател на Атланскиот совет на САД и поранешен советник на генералниот секретар на НАТО Џорџ Робертсон, кој непосредно по средбата во Конгресот беше домаќин на претставувањето на новиот украински премиер Арсениј Јатсенјук, по неговата средба со претседателот Обама.

Вилсон оцени дека за приемот на Македонија во НАТО ќе биде потребен сериозен ангажман на САД, кои ќе треба да го завршат најголемиот дел од работата за отстранување на грчката блокада, како и да се издејствува поддршка од европските сојузници.

Интересно беше што и самиот Јатсенјук, во обраќањето пред Атланскиот совет, го посочи самитот во Букурешт во 2008 година како моментот кога се ставил крај на проширувањето на НАТО, што и довело до тоа Русија да почне да работи за ширење на својата сфера на влијание.

Средбата во Конгресот на САД се надоврзува на секојдневно растечкиот интерес за проширувањето на НАТО за кое досега се изјаснија влијателни сенатори како Џон Мекејн и Кристофер Марфи, 40 конгресмени кои упатија писмо до државниот секретар Џон Кери, но и голем број поранешни високи функционери и експерти кои бараат начин како да се одговори на руското распоредување во Крим.

- Сега е можноста да се преиспита одлуката и самитот на НАТО во Британија да стане самит на проширување. Сите знаеме дека Македонија е подготвена за членство во НАТО веќе шест години. Треба итно да и понудиме членство. Спорот за името не треба да стои на патот на проширувањето. Верувам  дека и Црна Гора ќе ги исполни условите за членство на време да биде поканета на самитот. Босна и Херцеговина и Грузија терба да го почнат МАП процесот, а Косово да биде примено во Партнерството за мир, изјави Мајкл Халцел од Центарот за транс-атлански односи и поранешен советник на актуелниот потпретседател на САД Џо Бајден, кој бил ангажиран при подготовката на претходните рунди проширување на НАТО.

Средбата во Конгресот беше организирана од Коалицијата за Југоисточна Европа, со која претседава претседателот на Обединетата македонска дијаспора Мето Колоски, и од групата за пријателство со Македонија во Конгресот.

На почетокот на средбата на собраните амбасадори, советници во Конгресот и експерти им се обрати конгресменката Кендис Милер, која претседава со Групата за пријателство со Македонија, која укажа на парадоксот македонските војници во Авганистан да го чуваат Штабот на НАТО, а земјата да не може да биде членка.

Амбасадорот Зоран Јолевски укажа дека приемот на Македонија во НАТО ќе има позитивен ефект и врз Грција, како и врз другите земји аспирантки во НАТО, како Косово или Грузија. Јолевски додаде дека Македонија има јасна пресуда од Меѓународниот суд на правдата, која покажува дека Грција ја крши Времената спогодба, кога не го дозволува приемот на
Македонија во НАТО.

Имајќи предвид дека Македонија беше своевиден домаќин на средбата во Конгресот, амбасадорот Јолевски го истакна напредокот на сите други земји од регионот, и Грузија, изнесувајќи го македонскиот став дека земјата го поздравува напредокот на која било од земјите кон НАТО, како нешто што го прави регионот постабилен и сигурен.

Босанската амбасадорка во САД Јадранка Негодиќ укажа дека претстојниот самит на НАТО нема да се одржи во нормални, редовни услови, туку дека е кризен самит од кој се очекуваат големи одлуки. Таа, заедно со црногорскиот амбасадор Срѓан Дармановиќ, ја прозва Србија, која не беше застапена на средбата, за нејзиното влијание во босанската Република Српска.

Освен што лошите односи меѓу двата дела на Босна го спречуваат почетокот на МАП процесот за оваа земја, се очекува Србија индиректно да го блокира и косовското барање за членство во Партнерството за мир, преку некоја од државите членки на НАТО која се уште не го признала Косово. И покрај значителните напори вложени за
приближување кон Европската унија, Белград, особено во предизборниот период, не отстапува од политиката на неутралност кон НАТО, и е задоволен само со членството во Партнерството за мир.

Покрај Босна и Косово, и Грузија се соочува со пречки на патот кон НАТО – независноста на грузиските области Абхазија и Јужна Осетија, прогласена под покровителство на Русија. Грузискиот амбасадор во САД Арчил Гегешидѕе ги предупреди собраните американски советници и експерти да не дозволат санкциите врз Русија да се заборават по неколку месеци, како што беше случајот во 2008 година, по руското навлегување во Грузија.

- Неколку месеци подоцна, САД на Русија и понудија ресетирање на односите, го добија “ресет копчето”. Во овој случај не е доволно само проширување на НАТО, туку и робустен, системски одговор. Доколку тоа не се случи, можно е следни на листата за дестабилизирање да бидат балтичките републики, предупреди Гегешидѕе.

МИА

14.03.2014 - 16:03
Фото: 
Денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега