Сиљановска Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Кипар, Андреас Фотиу
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на Андреас Фотиу, новоименуваниот амбасадор на Република Кипар, со седиште во Белград.
На церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателката Сиљановска Давкова посочи дека по воспоставувањето на дипломатските односи во 2019 година, билатералните односи и соработката меѓу двете земји добија нова цел и динамика, при што оцени дека тие се засноваат на заемно разбирање, меѓусебна почит и желба за градење цврсти врски меѓу земјите и граѓаните. Претседателката потенцираше дека целосно го почитуваме територијалниот интегритет и суверенитет на Република Кипар, како и релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН и истакна дека исклучително ја цениме принципиелната и конзистентна поддршка од Република Кипар за наше целосно интегрирање во Европската Унија.
„Многу би ценеле доколку продолжите и во иднина да дејствувате афирмативно и да ја застапувате потребата од задржување на динамиката на ЕУ-проширувањето. Европската иднина за земјите од Западен Балкан е гаранција за стабилност и за просперитет на целиот регион, но и за одржување на кредибилитетот на самата Унија“, порача претседателката.
Таа изрази уверување дека пред двете држави претстои успешен период со изразени можности за натамошно јакнење на соработката на билатерален план и дека во духот на воспоставеното пријателство и разбирање ќе продолжиме да бидеме активно посветени во создавањето на нашата заедничка европска иднина.
Амбасадорот Андреас Фотиу во своето обраќање ја нагласи заедничката посветеност на мирот, стабилноста и напредокот, при што посочи дека е од суштинско значење да се зајакне соработката и да се продлабочи меѓусебниот дијалог за прашањата кои ги засегаат двете нации.
„Како амбасадор, подготвен сум да работам напорно со цел да промовирам поблиски врски меѓу нашите земји, унапредувајќи го нашето економско, културно и политичко партнерство. Верувам дека, преку соработка, можеме да одговориме на заедничките предизвици, да промовираме одржлив развој и да ги унапредиме идеалите на демократијата и човековите права“, рече новоименуваниот амбасадор на Кипар.
Амбасадорот Фотиу ја реафирмираше кипарската поддршка за нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ и упати честитки за поднесувањето на амбициозната реформска агенда во рамките на новиот План за раст за Западен Балкан. Тој посочи дека европската перспектива на Западен Балкан е единствениот остварлив начин за зацврстување на мирот, долгорочната стабилност и просперитетот во регионот и изрази уверување дека пристапувањето на нашата земја во Европската Унија ќе донесе уште поголеми можности за соработка и развој.
Претседателката Сиљановска Давкова на новоименуваниот кипарски амбасадор му посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска мисија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа