Граѓаните да ја искористат можноста за бесплатни тестови за превенција од рак на дебело црево
Од Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, матичните лекари, НВО „Борка-за секој нов ден“ апелират до граѓаните да ги искористат можностите за бесплатни тестови за превенција од рак на дебелото црево-колоректален карцином. Ваквите прегледи продолжуваат и годинава, а истите ќе бидат опфатени за лица на возраст од 50 до 74 годишна возраст. Помладите ќе можат да направат бесплатен тест во случај некој од семејството имал случај со ваквата болест.
Јованка Костовска, раководител на Сектор за превентивна здравствена заштита во Министерството за здравство информира дека се обезбедени дополнителни ФОБ-тестови за 36 илјади пациенти или околу 108 илјади тестови.
- Овие тестови веќе се дистрибуирани по Центрите за јавно здравје, кои пак, веќе ги дистибуираа на матичните лекари, како клучна алка во овој систем за да ги препорачуваат на своите пациенти, рече Костовска на денешната прес-конференција по повод одбележувањето на Март-месец на борба против рак на дебело црево-колоректален карцином (КРК). Нагласи дека матичните лекари совесно си ја спроведуваат оваа активност.
Директорот на Институтот за јавно здравје Шабан Мемети истакна дека улогата на Институтот е промоција на превентивните прегледи и стручно-методолошка помош на Центрите за јавно здравје, со периодични известувања за состојбата со спроведување на скринингот до Министерство за здравтсво.
- Сите случаи на рак на дебело црево што ќе бидат откриени ќе се евидентираат во Центрите за јавно здравје, кои се задолжени за координација на активностите на своето подрачје, соработка и едукација на матичните лекари, анализа на доставениот материјал со примена ФОБ-тест и консултација со матичниот лекар за понатамошни дијагностички и терапевтски процедури. Центрите ќе ги доставуваат податоците до Институтот за јавно здравје, рече Мемети.
Информира дека ризикот од појавата на заболувањето во текот на животот зависи од повеќе фактори, како возраста, начинот на исхрана, физичката активност, фамилијарни предиспозиции…
Биба Додева од НВО „Борка-за секој нов ден“ потенцира дека ќе го едуцираат населението преку информативни брошури и со Водичот за пациенти со метастатски королектален карцином, објавени на македонски и албански јазик. Материјалите ќе ги доставуваат волонтери, а на 4 Април во Трговскиот центар „Сити Мол“ во Скопје ќе биде поставена макета на дебело црево. Овој настан го организираат заедно со Клиничката болница Ачибадем Систина.
Во Република Македонија од карцином на дебело црево годишно заболуваат околу 500 лица, а умираат околу 380. Колоректалниот карцином е еден од најчестите малигни заболувања кој се јавува со инциденца од 15 до 30 нови случаи на 100 илјади жители годишно. Во последните десет години смртноста од оваа болест во Македонија е во пораст, и тоа речиси двојно.
Во развиените земји, се смета дека во текот на животот, од рак на дебело црево заболуваат околу 4,6 отсто мажи и 3,2 жени. И во Македонија мажите почесто заболуваат од жените. Минатата година се направени 14.505 ФОБ-тестови. Позитивни ФОБ-тестови биле 4.314, а потврдени наоди за рак на дебело црево биле 98.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа