Заболени две лица од лајманиоза, болест која се пренесува преку инсекти и кучиња

 

Во Македонија во месец јануари биле регистрирани двајца заболени од лајманиоза, болест која се пренесува преку каснувања од комарците и мувите. 

Ова досега го покажала статистиката на Институтот за јавно здравје, од каде апелираат дека нема простор за паника, но исто така граѓаните да не ги занемеруваат симптомите на болеста, пренесува Нова Македонија. 

Според лекарите, болеста потекнува од заразените кучиња, а комарците и мувите се само пренесители. 

Минатата година биле регистрирани 20 граѓани заболени од оваа болест, а во 2012 биле пријавени 13 случаи. 

Ваквата болест претставува паразитарна инфекција, која настанува преку каснување на заразени песочни мушички (муви) од родот флеботомус, кои најчесто ги напаѓаат цицачите. Болните животни најчесто немаат симптоми од инфекцијата, но таа може да ги усмрти. Извори на заразата може да бидат и дивите животни, но и домашни, како и човекот.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека имаат издадено годишна наредба кучињата-скитници да се проверуваат за лајшманиоза, а болните да се еутаназираат.

Симптомите можат да се почувствуваат дури и по една година па и повеќе од каснувањето од комарец. 

Сања Петрушевска-Маринковиќ од Клиниката за инфективни болести објаснува дека постојат три главни форми на лајшманиоза – висцерална (често позната како кала-азар, најтежок облик на болеста), кожна и мукокутана. Кај нас најчесто се јавува висцералната. Не е чудно, вели таа, што имало двајца болни во јануари со оглед на потоплите временски услови. Меѓутоа причината може да биде тоа што оваа болест има голем период на инкубација од три недели до 18 месеци. Тоа значи дека може да се појави дури по 18 месеци од каснувањето од заразен комарец.

- Болеста не се пренесува од човек на човек, ја имаме со години, бидејќи сме ендемско подрачје, но најважно е што знаеме да се справиме со неа. Предизвикува висок степен на смртност од 15 до 20 проценти – вели Петрушевска-Маринковиќ.

Симптомите обично се напади на треска, зголемена температура, губење на тежината, зголемување на слезината и анемија, слабост, а може да предизвика и крвавење на органите, како и суперинфекции.

- Симптомите не може да се занемарат, зашто високата телесна температура не поминува и по 2-3 недели. Така, и да не ја препознаат матичните лекари, тие ќе го препратат болниот на специјалист поради овој факт – објаснува Петрушевска-Маринковиќ.

Кожната лајшманиоза предизвикува рани на кожата, кои може сами да заздрават и да исчезнат за неколку месеци, но многу од нив може да остават непријатни и трајни лузни. Мукокутаната, пак, доведува до делумно или целосно уништување на слузницата на носот, устата и на грлото.

Нема вакцина

Болеста се открива преку анализа на крв, а најточни резултати дава анализа на коскена срцевина. Петрушевска-Маринковиќ вели дека смртљните случаи од неа се појавиле кај други хронични заболувања и низок имунитет на организмот. Лекувањето вообичаено трае од две до четири недели. Третманот, пак, зависи од неколку фактори, вклучувајќи тип на болест, вид на паразит и географска локација.

- Сакам да повторам да не се крева паника затоа што оваа болест успешно ја лекуваме – додава Петрушевска-Маринковиќ.

Засега не постои вакцина против лајшманиоза кај луѓето, а превенцијата се состои во заштита од каснување од песочните мушички и комарци.

Извор: Нова Македонија

10.03.2014 - 12:08

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега