МВР ги открива деталите за „Лепак“ - се трага по уште едно лице од групата која криумчарела текстил на „Ново Село“

 

Полицијата обезбеди докази за 14 лица, членови на криминалната група од кои 7 се царински службеници вработени на Граничен премин Ново Село, против кои поднесена е кривична пријава за сторени кривични дела „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службена положба и овластување“, „криумчарење“, „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“. По едно лице се уште се трага бидејќи според сознанијата се наоѓа надвор од Македонија, додека останатите вчера беа изведени и пред судија на претходна постапка, кој им изрече мерка притвор во времетраење од 30 дена. Станува збор за лица на возраст од 28 до 50 години, главно од Струмица.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која рече дека МВР во координација и со наредба на надлежниот јавен обвинител, ја реализирало последната фаза од Оперативната обработка „Лепак“ со која била откриена и разбиена организирана криминална група која подолг период наназад вршела кривични дела поврзани со криумчарење трговска стока од Бугарија и Грција во Република Македонија.

Криминалистичката истрага под раководство на јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, се спроведувала изминатата година од страна на Одделот за организиран и сериозен криминал.

Посочи дека станува збор за лицата С.Л.(28), раководител на царинска испостава ГП „Ново Село“, А.Д.(49), Т.В.(38), Д.Ј.(28), Ј.М.(44), К.Т.(28), А.П.Ѓ.(43), сите царински службеници на царинска испостава ГП „Ново Село“, В.Г.(35), В.М.(50), В.Б.(40), В.А.(47), Т.Д.(45), С.В.(47) и С.Ј.

- Во групата чии членови делуваа главно на подрачјето на Струмица, Штип и Богданци, партиципираа и службени лица вработени во Царинската Управа на испоставата на Граничниот Премин „Ново Село“. На чело на групата, според досегашните сознанија бил првоосомничениот, односно членовите на оваа група биле организирани во криминалните активности од страна на раководителот на царинска испостава ГП Ново Село, рече Јанкулоска.

При реализацијата на акцијата, потенцира министерката, беа вклучени околу 170 полициски службеници од МВР, а по лишувањето од слобода на 13 –те членови на оваа организирана криминална група беа вклучени инспектори од УЈП и пазарната инспекција на Македонија.

- Во текот на вчерашниот ден во вториот дел од акцијата од страна на УЈП и пазарната инпекција извршени се контроли во 24 правни субјекти, односно 41 деловна единица во Струмица, Василево, Прилеп, Скопје, Штип, Пробиштип, Кичево, Кавадарци, Виница, Куманово и Тетово, а во три други од планираните субјекти не е извршена контрола поради нивното моментално неработење. Кај осум правни субјекти констатирани се нецелосни евиденции на готовинскиот промет, при што изречени се глоби и донесени се Решенија за пломбирање на објектите, потенцира Јанкулоска.

Информира дека во текот на денешниот ден активностите од страна на УЈП и пазарната инспекција продолжуваат во однос на попис на затекната трговска стока, а со цел утврдување и усогласување на пописот со книговодствената докуменатација на правните субјекти.

- Кај еден правен субјект од Василево - Струмица, кој има 11 деловни единици во повеќе градови во Македонија, затекната е поголема количина на трговска стока поради што активностите за утврдувањето на состојбата ќе продолжат во текот на денешниот и наредните денови. За констатираната состојба и изречените мерки од страна на УЈП за сите правни субјекти, предмет на контрола ќе биде изготвена дополнителна информација по доставување на комплетни податоци од страна на УЈП, истакна Јанкулоска и додаде дека сомненијата од неколкумесечната примена на посебните истражни мерки укажуваат дека членовите на таа група само при документираните случаи, успеале да се стекнат со противправна имотна корист во висина од неколку милиони денари.

Колкав е целосниот профит од незаконското работење изминативе години, укажа министерката, може само да се претпостави, а треба да се утврди и штетата која ја има претрпено буџетот врз основа на неплатените давачки. Веројатно како следна фаза на истрагата, доколку процени надлежниот јавен обвинител, како што рече, ќе следи проверка на потекло на имотот на службените лица.

-Пријавените транспортери делата ги вршеле на тој начин што, по претходен договор со нарачателите на трговската стока (правни субјекти), кои ја купувале во Бугарија и Грција и претходно ја оставале на одредено, само за нив познато место во Бугарија или Грција, брендираната облека ја преземале и ја пренесувале во Македонија. Транспортот го вршеле преку ГП Ново Село до однапред договорена дестинација и тоа секогаш кога на должност биле некои од царинските службеници-членови на злосторничкото здружение, кои во договор со истите не вршеле царинска контрола, односно преглед на возилата и трговската стока што се пренесувала, а со цел да бидат избегнати задолжителните царински давачки, рече Јанкулоска.

За извршениот транспорт, појасни министерката, нарачателите на трговската стока, на транспортерите, откако ќе им ја доставеле трговската стока им плаќале износ од две евра за килограм трговска стока и тоа најчесто во готово, но и на трансакциски сметки - секогаш како извршени уплати од физички лица.

- Членовите на злосторничкото здружение кои го вршеле транспортот, вака стекнатата противправна имотна корист не ја зачувувале за себе, туку по секој извршен транспорт, одреден износ им предавале или на организаторите на здружението – цариниците вработени на ГП. Во случај кога некој од членовите на злосторничкото здружение бил откриен во вршење на кривичните дела од страна на органите на прогонот, пријавениот раководител на Царинската испостава преземал дејствија во насока на прикривање на делото со наложување за изготвување царинска потврда за плаќање на увозни давачки со невистинита содржина, злоупотребувајќи ја службената положба на раководител на Царинска испостава, посочи Јанкулоска.

 

Истакна дека во текот на минатата година како дел од оваа Оперативна обработка се преземени  низа мерки и активности во врска со ова злосторничко здружение, при што во неколку наврати одземена е разновидна трговска стока во вкупна вредност од околу 1 милиони денари, како и три патнички моторни возила со кои се транспортирала стоката и додаде дека во текот на вчерашниот ден биле одземени уште пет моторни возила.

 

 

08.03.2014 - 13:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега