Осмомартовска статистика: Жените во Македонија живеат подолго од мажите
Според податоците на Државниот завод за статистика, жените во Македонија живеат просечно 77,1 година или 4,1 година подолго од мажите.
Жените стапуваат во брак просечно на возраст од 25,6 години. Во 2012 година биле склучени 13.991 бракови од кои жената прв пат стапувала во 92,6 проценти, кај 7,1 процент на жената бил втор брак, а кај 0,2 проценти трет брак.
Просечната возраст на која жената одлучува да роди дете е 26,3 години. Одлучуваат да раѓаат по едно или две деца. Во 2012 година во Македонија се родени 23.568 живородени деца од кои 48 отсто или 11.325 се женски. Најчесто женско име во земава е Марија.
Податоците покажуваат дека од вкупно дипломираните студенти во 2012 година повеќе од половина или 55,7 отсто се жени. Бројот на жени магистри е 719, а жени доктори 71.
74,1 отсто од вработените жени работат во приватниот сектор. Повеќе од половината вработени или 56 отсто се жени во образованието, дури 73 проценти се во здеравствената и социјалната заштита, а во секторот рударство и вадење камен ги има само 3 проценти.
Во 2012 година, Македонија ја напуштиле 622 жени на возраст од 30 до 64 години, од кои најмногу биле од југозападниот регион.
Меѓународниот ден на жената е меѓународен празник што се одбележува на 8 март секоја година, со што се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите.
Денот на жената прв пат е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД, по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Во 1910 под закрила на Втората интернационала во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19 март 1911, овој празник прв пат е прославен од повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија.
Република Македонија е една од ретките земји во кои се празнува Меѓународниот ден на жената.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа