Има ли надеж за малата Ања од Кратово, потребни се 4.500 евра!

16 мај 2010. Раѓањето на Ања била причина за огромна радост на таткото Даниел, мајката Марина и братчињата Гоце и Адријан. И покрај финансиските потешкотии на семејството во кое никој не е вработен, ведрината и семејната благосостојба траела 1,5 години, кога родителите со соочиле со првите здравствени проблеми на малечката Ања. Забележале дека нивната ќерќа заостанува во психофизичкиот развој, дека има слабо развиена моторика и делумна одземеност на левите екстремитети. Тогаш започнала нивната голгота по здравствените установи низ земјава, каде постојано добивале црни сценарија. Од такви дека нема надеж за рехабилитација на Ања, до такви дека најдобро за семејството е да се откажат од неа и да ја дадат на специјализирана установа.

-Бевме разочарани од она што го слушнавме од лекарите, но во ниту еден момент не помисливме да се откажеме од борбата да ја видиме Ања здрава и полна со живот. Беа потребни пари за испитувања, па морав да заминам на работа како градежник во Црна Гора. Сакавме да бидеме сите заедно, па минатото лето решивме да го минеме на море. Проблемите почнаа кога Ања таму доби силни напади и грчеви во целата мускулатура. Не примија во болница, лежевме десетина дена и плативме 1.700 евра, за кои се задолживме кај мојот газда од Црна Гора. Кога се вративме во Кратово, се соочувавме со се поголеми маки. Ања е потполно неподвижна, не може да ја држи главата исправена, јаде само пасирана храна и единствено реагира кога ќе ги види мама и тато - вели со солзи во очите таткото Даниел.

Со тешки маки, успеале да прособерат пари за да направат поконкретни испитувања на скопската Клиника за детски болести. Таму констатирале церебрална парализа со идиопатска епилепсија, со чести грчеви кои го доведуваат во опасност животот на четиригодишната Ања. Маката ги натерала спас да побараат во престижната турска клиника Санте Плус, па го посетиле нејзиното претставништво во Скопје. Од таму им дале зрак надеж дека е можно да се подобри состојбата на Ања, но за сите потребни испитувања и авионски трансфер до Турција им побарале 4.500 евра. Од Фондот за здравство ги одбиле, со образложение дека не можат да ги пОкријат трошоците за Турција. 
Времето незапирливо тече, а животот на Ања е во опасност. Семејството Арсовски од Кратово нема средства, живеат од 8.000 денари кои ги добиваат од државата за трето дете, а потребни се 4.500 евра за да и се даде шанса за нов живот на малата Ања, која наскоро ќе наполни 4 години. Ако сеуште има хумани луѓе и грижливи институции, се надеваме дека Ања наскоро ќе му се радува на вистинскиот живот.

ДОНАЦИЈА ЗА АЊА АРСОВСКА

ЦЕНТРАЛНО-КООПЕРАТИВНА БАНКА А.Д.СКОПЈЕ

ТРАНСАКЦИСКА СМЕТКА 320500023718130

ЕМБГ 1605010425010

06.03.2014 - 20:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега