ДПА одлучи - еве кој ќе биде нивниот кандидат за претседател
Поранешниот потпретседател на македонското Собрание, Илијаз Халими е кандидат на ДПА за претседател на Република Македонија, информираше денеска на претседателот на партијата Мендух Тачи.
Бидејќи нема поддршка од потребните 30 пратеници, Халими ќе треба до 3. март да собере 10.000 потписи.
Тачи очекува, како што рече, со резултатот што ќе го постигнат со Халими на изборите да оневозможат правата на Албанците да станат дел од недостоинствениот пазар што сака да го направи нивниот политички опонент ДУИ.
- За оваа цел ДПА ќе се потруди да ги мобилизира сите Албанци, но и други граѓани, а ќе побара подршка и од официјалната политика на Косово и Албанија, рече Тачи.
Нашата цел, рече лидерот на ДПА, е да освоиме 350 илјади гласови.
- Работите се многу јасни. Фаворит на овие избори е кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ господинот Иванов. Нашата цел е да влеземе во втор круг и да бидеме ние и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во втор круг. Ќе ги повикаме сите Албанци и други граѓани да не гласаат бидејќи тогаш доаѓа вистинскиот договор и вистинскиот консензус што може да се случи помеѓу Албанците и Македонците, затоа што во вториот круг треба најмалку 40 отсто од гласачите да излезат на гласањето. Нашата позоција во вториот круг ќе биде според мене најсилната позиција што ја имале Албанците во овие 24 години. Мислам дека тие ќе не повикаат ние да излеземе на гласање за да не се поништат претседателските избори. Македонија е многу фрагилна држава, таа е во многу деликатна состојба и такви политички неуспеси на избори можат да предизвикаат многу несакани последици, рече Тачи на денешната прес-конференција.
Во однос на преговорите што ги воделе со ДУИ за настап на изборите, Тачи вели дека не сакал, неговите поинакви позиции да бидат протолкувани дека тој ги минира тие преговори.
- Кога преговорите со ДУИ за жал завршија негативно, не по моја или вина на ДПА, јасно беше дека ќе имаме сосема други политички ставови во однос на страната што е на власт. Јасно е дека тоа беше стратегија и апсолутно нашиот став беше дека Албанците на било какви избори не смеат да останат без кандидати. Тоа е метафора дека оваа држава е и на Албанците без разлика што тоа некој не го прифаќа. Знаете ние имаме кандидати за градоначалници во Битола, Охрид и на други места. Верувам дека ќе имам разбирање од јавноста оти се работи за конзистентна политика. Ние бевме во сериозен процес на преговори во кој немаше посредници, но имаше олеснувачи, а сепак тој процес заврши неуспешно, истакна Тачи на прес-конференцијата.
Во своето прво обраќање пред јавноста како претседателски кандидат на ДПА, Илјаз Халими не даде изјава на македонски јазик.
Халими најверојатно ќе биде единствениот кандидат на Албанците за претседател на Република Мкаедонија, откако од ДУИ најавија дека нема да излезат со свој кандидат. Од ДУИ инсистираат на консензуален кандидат за претседател.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа