Иванов и Кекеновски не се сами - уште еден човек сака да биде кандидат за претседател од ВМРО-ДПМНЕ

 

Oд ВМРО-ДПМНЕ денеска информираат дека денеска до партијата биле доставени уште две кандидатури за престојната Конвенција за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија.

Како што информираат од партијата, освен кандидатурата која денеска ја поднесе актуелниот претседател Ѓорге Иванов, кандидатура поднел и Божидар Ночев, магистер на науки.

Со ова досега се поднесени вкупно 3 кандидатури, замајќи ја во предвид и кандидатурата на  Јове Кекеновски која беше претходно објавена.

Крајниот рок за доставување на кандидатурите до Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за избор на Претседател на Република Македонија истекува во среда заклучно со 20 часот.

На Конвенцијата која ќе се одржи на 1 март, 1300 делегати на ВМРО-ДПМНЕ ќе избираат кандидат за Претседател на Република Македонија во согласност со процедурата предвидена во предложениот Деловник за работа на Конвенцијата.

ВМРО-ДПМНЕ целокупната постапка за избор на свој кандидат за Претседател на Република Македонија ја води крајно транспарентно во согласност со сите демократски принципи. Ние како партија воведовме нови стандарди во водењето на политиката и очекуваме овие стандарди да бидат следени од останатите политички субјекти во државата. Изборот на кандидат за Претседател на Република Македонија сметаме дека е врвен демократски дострел и оттука целиот процес го водиме крајно одговорно и демократски, велат денеска од партијата. 

Оттаму истакнуваат дека секој кандидат ќе има еднаква можност и право за презентрациј  на својата програмска визија пред делегатите на Конвенцијата.

За потсетување, делегатите на ВМРО-ДПМНЕ на  Конвенцијата на 1 март ќе одлучуваат преку непосредно и тајно гласање. Избран кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Претседател на Република Македонија ќе биде оној кој во првиот круг на гласање добил најмногу гласови, но не помалку од 1/3 од вкупниот број на делегати. Доколку ниту еден од кандидатите не го добие потребниот број на гласови во првиот круг на гласање, ќе се спроведе и втор круг помеѓу двајца кандидати кои добиле најголем број на гласови во првиот круг од гласањето.

 

 

 

 

 

25.02.2014 - 15:48

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега