Викендов сите во Струмица - еве што ќе видиме на Карневалот
Над 2.500 маски годинава ќе продефилираат на Струмичкиот карневал. Со синоќешното жребување на распоредот на маските во саботната Интернационална карневалска поворка се финализираа подготовките за „Струмичкиот карневал 2014“.
Првиот човек на организациониот одбор, Александар Цицимов истакна дека годинава во Интернационалната поворка ќе продефилираат 41 група под маски.
- Вкупниот број учесници во карневалската поворка годинава ќе биде над две и пол илјади учесници од земјата и странство. Вечерашнава жребка одлучи маската на здружението „Струма“ од Струмица да биде на чело на колоната, а поворката ќе заврши со маската на гостите од Лубрег, од пријателска Хрватска. Покрај нив, наши гости и годинава ќе бидат повеќе карневаски групи од соседните држави: Турција,Бугарија,Србија,Хрватска, Црна Гора и Албанија, рече Цицимов.
Интернационалната карневалска вечер ќе биде во сабота (1. март), а како пропратни манифестации на традиционалните тримески празнувања ќе бидат: изборот на принц и принцеза на карневалот (во петок), детскиот карневал(во недела), Фестивалот на афоризам и карикатура, понеделничкиот бел граф (во понеделник), доделување на наградите на најуспешните маски (во вторник), а „Струмичкиот карневал 2014“ традиционално завршува во среда со посетата на домот на армасаните девојки, или популарно наречените „синии“.
Организаторите очекуваат рекордна посетеност на ова традиционална карневалска манифестација, која годинава одбележува 20 години од приемот во Интернационалното здружение на карневалски градови.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа