Над милијарда евра инвестиции во патната инфраструктура
Македонија планира да вложи над една милијарда евра инвестиции во патната инфраструктура. Се почна со изградбата на двата нови автопати, како и со градежните работи на делницата Демир Капија - Смоквица. Се модернизираат локални и регионални патишта.
„Голем обем на работа, голема одговорност за македонските компании, ќе мора да се ангажираме во делот на обезбедување и доусовршување на постојните кадри, но и во делот на создавање нови технички и стручни кадри што ќе треба да ја понесат целата работа“, вели за МРТ Сеад Кочан, претседател на градежна комора при Сојузит на стопански комори.
Со кредиот од кинеските банки се градат автопатите Миладиновци - Штип и Кичево - Охрид. Паралелно се работи и на Коридорот 10. Според проценките на експертите, на изградбата на автопатите ќе бидат ангажирани 2000 луѓе: градежници, инженери, проектанти, архитекти, градежни инспектори.
„Се плашам дека вакуумот што се создаде во инженерството, вакуумот од сериозни инвестицисии во последниве 20 години се рефлектира во тоа што сега сме можеби во недостиг од инженерски кадар кој е доволно обучен за олку сериозни инфраструктурни проекти“, вели во изјава за јавниот сервис Горан Марковски, професор на Градежен факултет.
Подобра комуникација, екомонски развој и побезбеден сообраќај се трите клучни фактори што граѓаните ќе ги добијат со изградбата на автопатите. Автопатот Кичево- Охрид сериозно ќе ја заживее економијата во овој крај.
„Тоа би значело дека за два часа фирмите кои гравитираат кои носат или извезуваат репроматеријали ќе бидат на пристаништето во Драч што често го користат. Исто така и за потенцијалните инвеститори ова ќе биде добар импулс“, изјави Игор Соколески- претседател на Стопанска комора – Кичево.
Во моментов, во тек е изградбата на делницата Демир Капија- Смоквица, пред два дена почнаа да се гради автопатот Скопје- Штип, а вчера Кичево- Охрид, што значи дека Македонија ќе добие нови 132 километра автопат.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа