Македонија на добар пат да ја достигне Хрватска во кадаверична трансплантација

 

 

Македонија е на добар пат да го постигне она што го постигна Хрватска на полето на кадаверичната трансплантација. Важна е поддршката од медиумите, јавноста, здравствените работници, Министерството за здравство. Ова на прес-коференција во Лекарската комора на Македонија, го истакна Мирела Бушиќ, национален коодинатор за трансплантација на Хрватска и раководител на Регионалниот центар за развој на трансплантација и донорска програма во земјите од Југоисточна Европа.

- Имаме од 32 до 34 донора на милион жители што е апсолутен ракорд во светот. Во Хрватска годишно се прават повеќе од 400 кадаверични трансплантации. Ниту една држава во светот нема да ви испрати органи. Органите мора самите за своите ближни, сакани, соседи, пријатели да ги дарувате. Секој граѓанин на оваа држава заслужува да има достапност до таа рутинска метода на лекување, рече Бушиќ и додаде дека секој збор кој ќе се каже за трансплантациската програма ќе допре до јавноста.  

Трансплантациската медицина е предизвик на сите здравствени системи и во неа својата поддршка мора да ја дадат граѓаните. СПоред Бушиќ таа почнува до дарување и завршува со дарување. Солидарноста на граѓаните е многу важна. Јавноста треба да добие доволно информации и транспарентни податоци за примателите за начинот на кој тие органи се доделуваат. Дарувањето органи по смртта на еден човек можат да се спасат пет до шест други животи. 

Националниот координатор за трансплантација Аспазија Софијанов рече дека повеќе од стабилна е здравствената состојба на двајцата пациенти на кои пред неколку дена им беше трансплантиран бубрег од починат донор.

- Треба да помине оној критичен период прво од една недела, а потоа ќе видиме и натаму како ќе оди. Во тимот за трансплантација беа 50 луѓе од кои 35 лекари и помошен медицински персонал. Координацијата се одвиваше беспрекорно. Успеавме да продолжиме живот на двајца пациенти кои го избравме преку листата на чекање која речиси е при крај на Клиниката за нефрологија. Избрани се болничките координатори бидејќи идејата е кадаверичната трансплантација да се прошири и во однос на црн дроб, а и на други органи. Докажавме дека и медицината во нашата држава може да се носи со медицината во светот, рече Софијанова. 

Во однос на бубрежната трансплантација, нагласи таа, навистина можеби и во регионот сме носители на таа дејност, а во иднина размислуваме во однос на развивање на целата оваа програма и да поканиме колеги со поголемо искуство.

- Моето следно размислување е да одам да видам како Хрватска успеа да стигне во Европа односно во светот и да биде препознаена особено во областа на трансплантацијата дека е веќе светски лидер. Верувам дека и ние со ова што го докажавме и покажавме ќе почнеме да размислуваме многу сериозно да стигнеме токму во тие граници. Медицината нема граници, туку има само желба навистина да го направите она за кое сме повикани-да спасиме односно подобриме квалитет на едно живеење, додаде Софијанова.

Доктор Игор Иванов од Клиниката за нефрологија рече дека во таа ЈЗУ и во соработка со Институтот за транфузија се ажурира листата на чекање за трансплантација.

- Очекуваме од околу 1.400 пациенти кои се на дијализа, 400 да бидат испитани оваа година и евентуално доколку ги исполнуваат клиничките критериуми да бидат ставени на листата на чекање. Во моментот имаме и трансплантација на бубрег од жив донор и таа листа ја ажурираме, додаде Иванов.

 

 

 

19.02.2014 - 14:19

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега