Градежните активности на Плаошник се законски, тврди Завод и музеј Охрид
Проектот за возобновување на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник во Охрид не е никаква тајна и се реализира според проектна програма изработена од Одбор формиран од познати архитекти, историчари на уметноста и археолози, а на јавен меѓународен конкурс ја доби првата награда, изјави Тања Паскали-Бунташеска, директор на Завод и музеј – Охрид, надлежен за локалитетот Плаошник.
Оваа јавна установа ги отфрли обвинувањата на општинската организација на СДСМ дека на Плаошник има дивоградби, оценувајќи ги како смислен начин на водење предизборна кампања од страна на опозициската партија.
Според Паскали-Бунташеска, проектот се спроведува со почитување на сите законски прописи, со максимален квалитет што го контролираат сите потребни надзори: градежен, конзерваторски и археолошки. Таа ги повика советниците од редовите на СДСМ од неа да побараат какви било информации во врска со возобновувањето на Светиклиментовиот универзитет и рече дека тоа се прави според претходно изработена Локална урбанистичка планска документација, а не според желбите на Министерството за култура на РМ како што изјавија од СДСМ.
- Иницијатива за донесување на ваква планска документација до општина Охрид поднесе НУ Завод и Музеј – Охрид. По добиената согласност од страна на Секторот за урбанизам при општина Охрид, фирмата „Полог Проект“ од Гостивар изработи Локална урбанистичка планска документација со која беше соодветно урбанизиран археолошкиот локалитет „Плаошник“ врз основа на претходно изработени заштитно-конзерваторски основи, појасни Бунташеска, потсетувајќи дека Локалната урбанистичка планска документација беше едногласно изгласана од Советот на општина Охрид уште во 2010 година, а за неа гласаа и советниците од тогашното општинско мнозинство предводено од СДСМ.
Токму врз основа на Локалната урбанистичка планска документација, додаде таа, биле изработени идејни, основни и изведбени проекти, а Министерството за транспорт и врски во 2011 година, пред отпочнување на градежните работи, го издаде потребното Конзерваторско одобрение.
Бунташеска нагласи дека на Плаошник ништо не се уништува, дека сите остатоци од постари градби откриени при систематските археолошки истражувања, од 2007 година до сега, се вклопени и презентирани во изложбените простори од новите градби, односно веќе се конзервирани и не постои опасност од нивно уништување.
Директорката на Завод и музеј - Охрид повторно потсети дека во рамки на проектот на Плаошник ќе се изградат 16 објекти, а не 24 како што тврди опозицијата.
- Од западната страна на црквата се градат Музејот на Плаошник, Светиклиментовата библиотека и Центарот за хуманистички науки. Во Музејот на Плаошник ќе бидат изложени предмети откриени при повеќегодишните археолошки истражувања на Плаошник, ќе бидат изложени највредните икони од Галеријата на икони, епиграфските споменици, старите ракописи, а ќе има и сала каде ќе бидат организирани повремени изложби. Во овој објект ќе бидат сместени депоа за музејските предмети, соодветни конзерваторски работилници, канцеларии за луѓето кои ќе работат во музејот, ќе има и музејска продавница и бифе, што е карактеристично за секој музеј, истакна Бунташеска, нагалсувајќи дека не се работи за никакви угостителски објекти.
Во вториот објект ќе биде презентирана Светиклиментовата библиотека, со простор за чување на книгите од различни периоди поврзани со читалници, со потребни канцеларии за вработените кои ќе работат во библиотеката, депо каде што ќе бидат сместени книгите, книжарница и сите придружни простории потребни за функционирање на една библиотека.
Во третиот објект ќе биде сместен Центарот за хуманистички науки каде ќе бидат лоцирани одделите за праисторија, за среден век, за антика итн., неколку конференциски сали, простор за работа на МАНУ, простории за персоналот кој ќе работи во овој дел и мало бифе за потребите на вработените.
- Од источната страна на црквата се градат Манастирскиот конак и Резиденцијалниот објект за потребите на МПЦ. Манастирскиот конак содржи трпезарии за седење и ручек на монасите, трпезарија за гости, библиотека, монашки ќелии за монаси, црковна продавница и заеднички простории како магацини, котлари итн. Во Резиденцијалниот објект ќе престојува архиереј и ќе ги пречекува своите гости. И во овој објект покрај просториите за живеење има просторија за прием на гости, гостински одаи за престој и спиење на гостите од архиерејот и заеднички помошни простории, појасни таа.
За северозападната страна на археолошкиот комплекс предвидено е да се гради Богословскиот факултет, со неколку училници во кои ќе се изведува настава, амфитеатар, кабинети за професори, бифе за потребите на студентите и професорите, санитарни јазли и заеднички простории како магацински простори, котлари, простории за хигиеничари и сл.
- Од западната страна на музејскиот комплекс ќе се градат девет афилијации на светски универзитети со заеднички компјутерски центар. Основната дејност ќе им биде научно-истражувачка, со носење на стручни кадри од различни земји преку светски познатите универзитетски центри, изведување на истражувачки работи и работа на голем број проекти кои би биле од големо значење за Охрид и Република Македонија, додаде Бунташеска.
На обвинувањата дека се крие извештајот од неодамнешната посета на Комисија на УНЕСКО на Охрид, Бунташеска одговори дека посетата била на покана од министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, додека изборот за тоа што ќе посетат експертите од УНЕСКО бил на самите членови на Комисијата.
- Експертите од УНЕСКО беа задоволни со тоа на кој начин ја вршиме конзервацијата на објектите на кои работиме. Беа одушевени од документацијата која ја имаме за објектите од старото градско јадро. За жал, беа разочарани од големиот број колективни станбени згради кои се изградија во Охрид во последниве неколку години, истакна Бунташеска. Според неа, опозициските советници од Охрид манипулираат со некаков документ, наводен извештај на Комисијата на УНЕСКО, за кој тврди дека институциите во Македонија се уште не го добиле, ниту ја знаат неговата содржина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа