Груевски до Расмусен: Да се почитува пресудата на судот од Хаг

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, на денешната средба со генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, што се одржа во седиштето на Алијансата во Брисел изјави дека Македонија е целосно посветена за преговорите за спорот со името што е еден од фундаменталните принципи во одржување на мирот, стабилноста, просперитетот и добрососедските односи, како и почитување на човекови права, што треба да претставува и основа за евроатлантската интеграција на нашата земја.

На заедничката прес-конференција по средбата, првиот оперативец на Алијансата повтори дека Македонија ќе добие покана да се приклучи на најголемата воено-политичка организација на светот, откако ќе го реши наметнатиот спор со Грција.

“Денеска имав можност за конструктивна и продуктивна средба со Расмусен. Разменивме мислења за остварениот напредок во процесот на евроатлантската интеграицја на Република Македонија, во рамки на акцискиот план за членство и политичко-безбедносните прашања од заеднички интерес во пресрет на Самитот на НАТО, што на 4 и 5 септември ќе се одржи во Велс. Во оваа прилика ги прецизирав и резултатите на нашата земја во реализацијата на севкупните реформски процеси со посебен акцент на политичко-економските и одбранбените реформски постигнувања”, истакна премиерот Груевски.

Премиерот посочи дека со генералниот секретар ги разгледале и актуелните теми поврзани со националните реформи во контекст на ситуацијата во НАТО и констатирале дека членството на Македонија во оваа организација е взаемен интерес и цврста определба и на земјата и на Алијансата.

Првиот оперативец на Алијансата, посочи дека со македонскиот премиер дискутирале и за одличната соработка, силниот придонес на Македонија во ИСАФ-мисијата во Авганистан, како и помошта во однос на комуникациите на КФОР-операцијата на Косово.

“ НАТО е посветен на безбедноста на Западниот Балкан и преку евроатлантската перспектива на нациите што аспирираат да се приклучат на Алијансата. Клучот е зачувување на моментумот на реформи, што носи бенефит за сите граѓани, функционалност на демократските структури и инклузивен дијалог и слобода на медиумите. Сето ова е важно за напредување во евроатлантските аспирации. Соработката меѓу Влада и опозицијата, како и сите заедници е есенцијално за испорачување на реформи. Ние ја поздравуваме посветеноста на пристапниот процес кон НАТО и сме договорени да дадеме покана до Македонија за да ни се приклучи, откако заедничко прифатливо решение на прашањето за името ќе се постигне” , посочи Расмусен.

Генералниот секретар на НАТО посочи дека Алијансата стои до своите обврски дека ќе работи одблиску со Македонија, со поддршка на есенцијалните реформи, „откако прашањето за името ќе се реши и ве храбриме за напори во тој поглед”. - Се согласуваме дека отворена врата на НАТО ја прави Европа побезбедна. Има уште работа, но нашата врата останува отворена, додаде Расмусен. 

 

Република Македонија и плановите за реформи во сите полиња од интерес на НАТО, посочи премиерот Груевски, кого на овие средби го придружуваат и министрите за надворешни работи и за одбрана, Никола Попоски и Талат Џафери.

12.02.2014 - 17:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега