Г.г.Стефан: МПЦ и Охридска архиепископија се исто и неделиво
Архиепископот на МПЦ-ОА г.г. Стефан очекува Руската Православна Црква да даде придонес во решавањето на спорот со Српската Православна црква. Тој ова денеска го изјави на прославата на празникот „Свети три светители“ и на одбележувањето на Денот на бакалите во Прилеп.
- МПЦ и Охридска архиепископија е едно и исто. Како што не може да се подели значењето на Пеќската патријаршија и Српската православна црква, како Трновската патријаршија и Бугарската православна црква, или Московскиот патријархат од Руската православна црква. Охридската архиепископија и Македонската православна црква се неодвоиви. Оној што ја признава МПЦ, всушност ја признава Охридската архиепископија и обратно. Проблемот што се актуелизира е изнаоѓање место на МПЦ во сеправославната заедница. Тоа е најбитното за кое треба да се бориме и да очекуваме да биде во блиска иднина, изјави г.г Стефан.
Г.Г. Стефан упати и благодарност до московскиот патријарх г.г.Кирил што разговарал за актуелните и суштински теми за МПЦ со претседателот Ѓорге Иванов при неговата посета на Москва.
- Секако дека очекуваме РПЦ која има високо место во православието и е најбројна православна црква да даде придонес. Но, прашањето на МПЦ треба да го прифатат, односно да го решат сите православни цркви. Поддршката на РПЦ е добредојдена, вели тој.
Неколкупати сме се обратиле до поглаварот на СПЦ, неговата светост Иринеј и до Соборт на СПЦ со предлог да продолжат децениските разговори меѓу двете цркви, но одговор нема. Очекуваме да се случи, зашто вака не е добро и не прилега на православни цркви. Ние сме подготвени, рече г.г Стефан.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа