Растот на извозот и странските инвестиции добар економски сигнал
Новите странски инвестиции ќе ја подобрат надворешно трговската позиција на Македонија, а промоцијата и инвестирањето во конкурентни производи во иднина и позначајно ќе го намалат трговскиот дефицит. Во анализата на еВести се посочува дека трендот што економистите очекуваат да продложи и годинава се должи најмногу на извезеното од странските фабрики кои во последните години инвестираа во Македонија.
Во текот на минатата година, во Македонија извозот пораснал за 6,6 отсто, а увозот за 1,4 проценти. Најголемо учество имаат катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, производите од железо и челик, облеката и преработките од нафта.
-Ефектот од отворањето на слободните економски зони се огледа во значајното зголемување на извозот на државата што најмногу се должи на нивната работа, што од друга страна е навистина добар импулс за македпнската економија, вели професорот Томе Неновски, за еВести.
Според податоците кои ги објави Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од земјава лани бил речиси 4,3 милијарди американски долари, а во таа година увезени се производи и стока вредни 6, 6 милијарди долари. Покриеноста на увозот со извоз изнесува 64.7%. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-декември 2013 година, изнесува 2,3 милијарди долари.
Премиерот Никола Груевски вели дека е задоволен од минатогодишните податоци: - Задоволен сум и покрај тешкотиите од европската должничка криза, ударот што дојде и од европската должничка криза и врз нашите компании, намалени нарачки, проблеми во однос на помалку инвеститори отколку вообичаено кога би немало таква криза, сепак се успеа да се заврши годината со раст од 6,6 отсто на извозот и 1,4 отсто на увозот, а со тоа се намали и трговскиот дефицит за 176 милони долари и можам да кажам дека може да се очекува и оваа година да продолжи еден ваков тренд, вели премиерот.
Инаку, Македонија најмногу тргува со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Италија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа