Од кабинетот на Иванов ја демантираат веста за потрошените пари за вратоврски

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најостро ги демантира наводите во веста објавена на порталот „Плус Инфо“ под наслов „Иванов и лани се подновил со вратоврски за 4.360 евра, за хигиена потрошил 11.700 евра“, и оценува дека истите претставуваат продолжување на грубите, нечесни и дрски обиди да се наруши кредибилитет и угледот на институцијата Претседател.

Од ваквите паушални написи, со жалење можеме да заклучиме дека немате елементарни познавања кои се потребите за функционирањето на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија.

Прво, уште еднаш укажуваме дека наведените износи од договорите за јавните набавки претставуваат планирана вредност на јавната набавка која не секогаш се реализира во целост, односно не се исплатени целите износи наведени во договорите, туку по фактура за извршената услуга.

Второ, јавните набавки не покриваат потреби за шест месеци, туку истите се однесуваат за период од една година.

Трето, потсетуваме дека набавките на вратоврските не се за лични потреби на Претседателот, туку станува збор за протоколарен подарок пред се наменет за странски делегации, практика која се користела и во мандатите на другите претседатели.

Четврто, во врска со информацијата за набавката на средства за хигиена, укажуваме дека се работи за техничка грешка, односно станува збор за една набавка, а не две, што може лесно да се заклучи и од фактот дека двете набавки се евидентирани со ист број на договори и се потпишани на истата дата.

Петто, сите јавни набавки од страна на Кабинетот на Претседателот се извршени на максимално транспарентен начин и согласно сите законски регулативи и истите се транспарентно и јавно објавени. Ова го потврдува и ревизорскиот извештај за работењето на Кабинетот на Претседателот за 2010 година спроведен од страна на Државниот завод за ревизија.

Од овие причини, заклучуваме дека Вашиот медиум тенденциозно, по втор пат, врши неправилна интерпретација на јавно објавените податоци, односно злонамерно ги извртува објавените факти, со цел пред македонската јавност да прикаже искривена слика околу јавните набавки, направени од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија.

И повторно Ви потенцираме дека доколку имате дилеми и ви се потребни какви било појаснувања околу јавните набавки, а со цел објективно информирање на јавноста, Кабинетот на Претседателот Ви стои на располагање за соработка. Вашиот медиум и во овој случај тоа не го направи.

07.02.2014 - 20:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега