Расте бројот на гласачките места

Расте бројот на гласачките места. Досега гласањето се спроведуваше на 2.967 гласачки места, а сега бројот на избирачките места се зголемува, така што ќе изнесува 3.480. Оваа промена произлегува од измените и дополнувањата на Изборниот законик односно членот 165 од законикот во кој се предвидува бројот на избирачи кои гласаат на избирачкото место да не може да биде поголем од 1.000 избирачи.

Оваа година се предвидени 47 избирачки места во дипломатско-конзуларните претставништва каде ќе гласаат државјаните на Македонија кои ќе се пријават на јавниот повик, а исто така, оваа година прв пат дијаспората ќе гласа за претседател на државата.

Според последните податоци од ДИК во Избирачкиот список се запишани над еден милиони и 787 илјади гласачи. 

Распределбата на граѓаните на избирачките места, според Благоја Стојковски, кој во ДИК работи на Избирачкиот список е направена заедно со Државниот завод за статистика според ажурираните податоци во ИС. Причината за зголемување на бројот на избирачките места е граѓаните да можат што подостоинствено да го дадат својот глас и да се избегнат гужвите и чекањето.  

Најголем дел од новите избирачки места ќе бидат во истите објекти каде што досега биле сместени, ќе се менува само просторијата, објаснуваат од Државната изборна комисија. 

Зголемувањето на бројот на избирачките места значи и поголем број лица кои ќе бидат ангажирани како членови на овие избирачки места. Така за овие 504 нови избирачки места ќе бидат избрани дополнителни 5.040 лица. На 3.528 избирачки места ќе бидат ангажирани 35.280. Во државата има 80 општински изборни комисии и една на Градот Скопје, каде се ангажираат 810 лица. Вкупно во избирачките места и во општинските изборни комисии ќе бидат ангажирани 36.090 членови.

Исто така, претседателот на избирачкиот одбор и неговиот заменик ќе се избираат од редот на вработените во државната, јавната, општинската и администрацијата на градот Скопје, со високо образование, два члена и нивни заменици се избираат од редот на вработените во државната, јавната, општинската и администрацијата на градот Скопје со најмалку средно образование, по случаен избор за време од четири години.

Промената на бројот на гласачките места е само еден сегмент од измените и дополнувањата на Изборниот законик.

06.02.2014 - 14:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега