Џозеф: Прашањето за името претставува сериозен проблем за безбедноста
Американскиот аналитичар Едвард Џозеф, кој сега работи во Центарот за трансатлантски односи на Универзитетот Џонс Хопкинс, не мисли дека доаѓањето на Грција на чело на ЕУ ќе има големо влијание, како врз Македонија, така и врз прашањето за името, кое го смета за мошне сериозен проблем.
- Најпрвин, тоа е сериозен проблем за безбедноста и стабилноста. Создава вистинска напнатост и е извор на најголемата пречка за напредок во Македонија. Земјата не може да напредува во ЕУ и НАТО, како што тоа го заслужи. Второ, се работи за кршење на духот на НАТО и ЕУ - земја-членка ги експлоатира правилата на консензус за да го попречи напредокот на еден аспирант, како Македонија. Тоа е кршење на духот на правилата, но испраќа и мошне негативна порака до другите аспиранти дека работата може да се монтира. Конечно, се работи за кршење на меѓународен договор меѓу Македонија и Грција, како што тоа го утврди Меѓународниот суд на правдата, вели Џозеф во интервју за програмата на Гласот на Америка на македонски јазик.
Грчкиот заменик-премиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос, пак, деновиве потенцираше дека приемот на Македонија во НАТО и ЕУ ќе се случи само кога земјата ќе ги исполни општите политички критериуми од Копенхаген, меѓу кои и добрососедските односи.
За тоа дали претстојниот Самит на НАТО во септември би можел да донесе нешто ново, за разлика од претходните, Џозеф со став дека тоа е вистинското место да се реши спорот за името
- Во овој момент, би било погрешно да се подгреваат очекувањата. Но, јас сметам дека таму е вистинско место да се направи напредок, па дури и да се реши овој долгогодишен спор за името на Македонија. Да се потсетиме на Самитот во Букурешт во 2008-ма, претседателот Буш лично се вклучи во ова прашање. Секогаш постои можност кога на самитот присуствува претседателот. Тоа е ретка можност, кога американскиот претседател е во Европа и фокусиран на важни прашања, вели експертот за регионот.
Џозеф, кој е поранешен претседател на Меѓународната кризна група, коментира дека иако се очекува на Самитот на НАТО главен акцент да биде врз прашањата како Авганистан, односите со Русија и немирите во Украина, сепак има простор за навраќање на случувањата на Балканот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа