ФФРМ и Ветеринарната комора ја зајакнуваат соработката
Федерацијата на фармери (ФФРМ) и Ветеринарната комора на Македонија денеска потпишаа меморандум со кој ќе ја унапредатг досегашната соработка.
Од ФФРМ и Ветеринарната комора очекуваат придобивки да имаат не само земјоделците и ветеринарните доктори, туку и граѓаните како крајни потрошувачи.
- Македонија како земја аспирант за членство во Европската унија е исправена пред низа предизвици во смисла на имплементација на корпус прописи. Во таа смисла, поблиската соработка меѓу двете институции би довела до полесна имплементација на прописите од аспект на здравствената заштита, системот за идентификација и регистрација на стоката, истакна претседателот на Ветеринарната комора, Томислав Николовски.
Според претседателот на ФФРМ, Андреја Секуловски, официјализирањето на соработката ќе придонесе не само за полесна имплементација на прописите кои се бараат од земјоделците за да бидат конкурентни на пазарот, туку и за решавање на проблемите со кои се соочуваат во своето работење.
- Нашата заложба е да ги пресретнеме проблемите, а не да ги лечиме. Сакаме да ги препознаеме ризиците во нашето работење и да им понудиме решение на земјоделците кои се нашата целна група, нагласи Секуловски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа