ДУИ: До последен момент ќе се бориме за консензуален претседател - потоа предвремени избори

 

ДУИ нема донесено одлука за предвремени парламентарни избори. Тие се само една од петте алтернативи кои ќе ги понуди партијата доколку со ВМРО-ДПМНЕ не се договориме за консензуален кандидат на претстојните претседателски избори, рече портпаролот на ДУИ Бујар Османи на денешната прес-конференција.

Тој нагласи дека предвремените избори ќе бидат само излез од евентуалните политички околности и негативна клима кои би настанале доколку нема договор за консензуален кандидат, но не и нивно решение.

- ДУИ во моментов не е за предвремени парламентарни избори, но ние сме подготвени за избори во секое време. Анализите покажуваат дека ДУИ ќе биде апсолутен победник во албанскиот дел доколку утре би излегле на избори. Сепак, тоа не е причината зошто ја ставивме можноста за предвремени извбори во една од варијантите, туку тоа што предвидовме дека евентуалното недоговарање за консензуален кандидат може да доведе до политичка криза која нема да овозможи нормално функционирање на Владата и евентуално блокирање на институциите, рече Османи.

Тој информираше дека единствено со ВМРО-ДПМНЕ разговарале за консензуален кандидат, додавајќи дека се додека не добијат одговор од коалицискиот партнер сметаат оти постои можност за договор.

- Во наредните 20-тина дена, што ни ги овозможуваат законските рокови во Изборниот закон до кога треба да се назначи кандидатот за претседател до ДИК, ќе ги претставиме сите наши аргументи зошто на Македонија сега и е потребен консензуален кандидат, истакна Османи. 

Под консензуален кандидат за претседател, како што појасни Османи, ДУИ подразбира кандидат кој ќе ја претставува волјата пред се на двете поголеми етнички заедници, но и на сите граѓани со цел да се создаде центар на кохезија на општеството, каква што е и улогата на претседателот според Уставот и поредокот во Македонија.

- Сметаме дека само на тој начин општеството ќе ја добие неопходната кохезија за да може да се справи со предизвиците со кои ќе се соочува државата во наредниот период, рече портпаролот на ДУИ.

03.02.2014 - 12:53
Фото: 
zurnal.mk

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа