Иванов за ИТАР-ТАСС: Пријателските односи со Русија се посебен интерес за Македонија

 

Натамошното  унапредување на пријателски односи со Руската Федерација останува посебен интерес за Македонија, вели претседателот Ѓорге Иванов во интервју за руската новинска агенција ИТАР-ТАСС, по повод 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.

- По преземањето на должноста претседател во 2009-та, лично се ангажирав и активно се вклучив со цел натамошно унапредување на односите и особено на интензивирање на соработката. Ме радува што изминативе пет години со заемен ангажман постигнавме значајни резултати. Договорот за вклучување на Република Македонија во „Јужен поток" е од огромен интерес, бидејќи ќе обезбеди енергетска стабилност на земјава во следните децении. Во оваа насока, партнерството со Руската Федерација за нас е од суштинско значење,  и  јас лично неколку пати остварив средби со раководството на „Газпром“, со Алексеј Милер, на кои изразив апсолутна политичка поддршка за реализација на овој проект и вклучување на Република Македонија во истиот. По примерот на енергетскиот сектор, искрено се надевам и очекувам дека во наредниот период ќе успееме да ја прошириме соработката и во други области, преку реализирање на конкретни проекти“, вели македонскиот претседател за ИТАР-ТАСС.

Според него, Руската Федерација има мошне значајна улога на меѓународната сцена, руската економија станува една од најмоќните во Европа и претставува значаен трговски партнер на Република Македонија.

- Руската Федерација има принципиелна позиција во однос на употребата на уставното име на Република Македонија. Така што, натамошното  унапредување на пријателски односи со Руската Федерација, останува посебен интерес за Македонија и сигурен сум дека во периодот што следи со заеднички ангажман ќе ги искористиме сите можности за уште поинтензивна соработка, особено економската, вели Иванов.

Иванов го најавува и своето присуство на отворањето на Зимските Олимписки игри во Сочи, како и посета на Москва, каде ќе има и свое обраќање на реномираниот и престижен државен универзитет Ломоносов.

- Со задоволство ја прифатив поканата и ќе присуствувам на свеченото отворање на ЗОИ во Сочи по што мојата посета ќе продолжи во Москва. Се надевам дека во Сочи ќе имам можност да се сретнам и со претседателот Путин, кој има отворена покана за посета на Република Македонија. Целта е да ја одржиме оваа динамика на највисоко ниво во двата правци, вели претседателот Иванов.

Иванов истакнува дека клучно во приближувањето на македонскиот и рускиот народ е и треба да биде соработката меѓу двете држави. Рецептот, вели тој, е соработка, прогресивни идеи и следење на глобалните трендови.

- За таа соработка да биде успешна потребно е да се обезбеди целосна слобода на движење. Тука воедно мислам и на размена на информации, на стоки, на човечки потенцијали, образовни кадри. Така што, како што руските граѓани можат слободно да патуваат во Македонија, искрено очекувам дека и Руската Федерација наскоро ќе воспостави визни олеснувања за македонските граѓани. Слободата во движењето е предуслов, не само од аспект на развој на туризмот, туку и од аспект на развојот на научно-образовната, техничката и пред се економската соработка. Сметам дека пред се политичките лидери се тие кои со своите постапки треба да даваат позитивни примери кои ќе ги следат нивните народи, односно останатите чинители во општествата, вели претседателот Иванов во интервјуто за ИТАР-ТАСС.

Република Македонија и Руската федерација воспоставија дипломатски односи на 31 јануари 1994 година, откако на 4 август 1992 година официјална Москва ја призна Република Македонија за суверена и независна држава, под нејзиното уставно име. 

03.02.2014 - 10:58

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега