Борче Стамов: Дојран има што да понуди
Press24: Господине Стамов, во овој краток период откако вие сте на чело на општината, за Дојран се слуша секојдневно и насекаде преку речиси сите локални и национални медиуми. Активностите Ви се очигледни. Задоволни ли сте вие лично од сработеното?
Борче Стамов: Општина Дојран претставува еден од најубавите туристички градови во Република Македонија, територија која изобилува со богата природна убавина, богата историја и минато,туризам, Дојранското езеро и надалеку познатата вкусна риба се само мал дел од причините за пројавената потреба за презентација на Општина Дојран низ локалните и националните медиуми. Кога станува збор за мојот ангажман во Општина Дојран и активностите кои секојдневно се спроведуваат морам да напоменам дека јас и мојот тим целосно сме посветени за имплементација и реализација на предвидените проекти кои се во интерес на жителите на Општина Дојран. Многу време и многу енергија треба да се вложи. Лично јас сум задоволен согледувајќи го задоволството на моите сожители, но секогаш се може и подобро и повеќе. Сето она што го зацртавме и како програма и сето она за кое што се заложив и во предизборниот период и веднаш по преземањето на градоначалничката функција ќе биде докрај исполнето.
Press24: На кои главни сегменти ќе се потпира општинскиот развој во иднина?
Борче Стамов:Ќе ги искористиме до максимум природните ресурси на општината, работите треба да бидат насочени таму каде што се природните ресурси за да се развие. Треба да обрнеме поголемо внимание на туризмот за да го развиеме како стопанска гранка, а преку неговиот развој ќе овозможиме и нови вработувања. Еден од сегментите е и давање бенефити што ќе можат да ги користат инвеститорите, кои ќе сакаат да инвестираат во нашата општина . Како локална власт ќе мораме да ги искористиме сите можности кои ни ги дава за соработка и централната власт, т.е. да донесуваме инвестиции со кои ќе се подобри лошата инфраструктура во општината. Верувам дека со подобрување на инфраструктурата ќе се овозможи побрз развој на туризмот како главна гранка за развој на Дојран.
Press24: Кои се приоритетни проекти во Општина Дојран за оваа година?
Борче Стамов:Од моето доаѓање на функцијата градоначалник на Општина Дојран во април 2013 година досега реализиравме крупни проекти од исклучително значење а ќе набројам само дел од проектите што ќе следуваат, а тоа се формирање на индустриска зона „Дојран“, изградба на две плажи на Дојранско езеро, 500м градско подрачје и 100м вон градско подрачје, изградба на рекреативна пешачка и велосипедска патека долж крајбрежјето на Дојранско езеро во должина од 3км,целосна реконструкција со воведување на најсовремена технологија во постојната пречистителна станица во Нов Дојран, реконструкција на локален пат за с. Црничани (од P604 – P611), трета фаза,реконструкција на регионален пат до с. Николиќ во должина од 5км,реконструкција на локални улици во селата Фурка и Николиќ со вкупна должина од 750м,донесување на Урбанистички планови за населените места Фурка, Николиќ, Црничани и Ѓопчели, како и изработка на нов генерален урбанистички план за Стар Дојран,изградба на мини плоштади во селата Црничани и Ѓопчели,отварање на детска градинка во Нов Дојран,изградба на повеќенаменско игралиште во с. Николиќ,изградба на спортска сала во ОУ „Кочо Рацин“ во Нов Дојран,изградба на спортски терени во школските дворови на училиштата во Стар Дојран, Црничани и Ѓопчели, изработка на детални урбанистички планови за утврдување на локации на хотели, викенд куќи, кампови и угостителско-сместувачки објекти во Стар Дојран,поддршка за изградба на автобуска станица во Стар Дојран,повторно заживување на старите касарни кои веќе се доделени во сопственост на општината и уште многу други.
Press24: Каква е соработката на Општина Дојран со соседните општини и со општините од соседните земји?Дали постои размена на искуства, проекти и дали постои интерес кај останатите градоначалници за успешни проекти реализирани во Дојран?
Борче Стамов:Општина Дојран досега се има збратимено со неколку општини ширум светот. Меѓу нив се три општини од соседна Бугарија и тоа Општина Невестино, Тројан и Ќустендил, од соседна Грција Општина Кукуш, Хрватска и Општина Медулин, Италија и Општина Монтекарото,Унгарија и Општина Марцали и Турција и Општина Чекмекој. Можам да кажам дека со сите збратимени градови и општини имаме плодна соработка, на повеќе полиња. Со збратимените градови од регионот, од Балканот, имаме многу слични проблеми, во областа на јавниот транспорт, јавната хигиена, зачувувањето на животната средина и образованието. На нашите чести работни средби со моите колеги градоначалници разговараме за остварување на заедничките цели, за зајакнување на постојните врски, со посебен акцент на проширување на стопанските и на културните врски, соработуваме на полето на меѓусебното запознавање на културата, историјата и традицијата, посредуваме за соработка меѓу музеите, мултикултурната соработка, ЕУ проектите,образованието (соработка меѓу училиштата), урбанизамот . Разговараме за сите позитивни искуства што може да се прилагодат и да се применат во Oпштина Дојран, а од што граѓаните би имале корист.
Press24: Нехигиената во текот на летото во Дојран претставува хроничен проблем.Имате ли идеја како да се реши овој проблем?
Борче Стамов:Јавното претпријатие во коишто со години не било вложувано доживува преродба. ЈП „Комуналец-Полин“ има застарена и скоро неупотреблива механизација и верувам дека во брзо време ќе успееме да ја обновиме механизацијата, пред се да набавиме камиони за собирање на смет. Ова е еден од главните предуслови за подобрување на хигиената во градот за навремено и редовно изнесување на сметот. Следно би било набавка и поставување на поголем број на контејнери и корпи за отпадоци, а за летната сезоно се опремивме со посебна алатка за чистење на плажите.
Акцијата за разеленување на Дојран е една од најзначајните. Подготвивме тригодишен акционен план со кој на крајот Дојран треба да има 500 нови палми и 5000 олеандри. Веќе ја отпочнавме акцијата и досега имаме засадено 100 палми и 1200 олеандри. Јавната хигиена во градот ќе ја подигнеме на повисоко ниво, а значително ќе се зголеми површината под зеленило што мене ми претставува особено задоволство.
Press24: Во летната туристичка сезона бројот на возила на дојранци двојно се зголемува, а проблемот со паркирањето посебно се чувствува со урбанистичко-градежната експанзија во градот.Што се случува на тоа поле ?
Борче Стамов:Интензивно работиме во насока на подобрување на животот на граѓаните во оваа општината. Вршиме реконструкцијата на постоечките паркинг простори, а во моментов во тек е и изградба на нов паркинг простор кој е во завршна фаза. Овој паркинг простор ќе има капацитет од 70тина паркинг места. Со реконструкцијата и изградбата на новиот паркинг простор значително ќе се подобри пристапноста за сите посетители на познатата црква „Свети Илија” во Стар Дојран и пристапот до најпрометната плажа во Дојран, “Градска плажа”. Исто така работиме и на изградбата и бележењето нови велосипедски и пешачко-рекреативни патеки во градот. Го поддржуваме и проектот за изнајмување велосипеди по симболична цена кој планираме во иднина истиот да го спроведеме и во нашата општина, со што директно сакаме да влијаеме врз популаризацијата на велосипедот како превозно средство а исто така работиме и кон пополизацијата на автобускиот превоз со што ние како локална самоуправа нудиме целосна поддршка за изградба на нова автобуска станица во Стар Дојран.
Press24: Туризмот, секако е приоритет при секоја ваша промоција. Но, туризмот е поширок и покомплексен поим. Вие , често говорите за развој на спортскиот, здравствениот и риболовниот туризам. Руралниот туризам е уште една туристичка компонента и дестинација. Што има Дојран од сево ова и како може сето тоа да се ефектуира, да биде дел од туристичката понуда на тур-операторите од странство?
Борче Стамов:Општ впечаток е дека туристичката сезона помина подобро од изминатите неколку години. И тоа е добар почеток, добар поттик, но и добар репер во која насока треба да се движат работите. Во пресрет на летната сезона, беа преземени низа мерки за организиран и спремен пречек на туристите и гости кои, престојувајќи во Дојран, неколкупатно го зголемуваа бројот на жители во Општината. Со сигурност може да се потенцира дека Дојран реализирал успешна летна туристичка сезона 2013 во поглед на посетеноста каква што последниве десетина години не се памети, при што сместување се нудело и во Нов Дојран и околните места а сезоната се продолжи и во септември па и октомври. Нашите статистики кажуваат дека во текот на целото лето поминале над 120.000 гости низ Дојран, од кои над 70 000 гости во текот на целата летна сезона оствариле ноќевања .Во овие бројки влегуваат и таканаречените еднодневни туристи кои проаѓаат низ Дојран. Иако е мало туристичко место, Дојран има што да понуди. Има големи можности за развој на алтернативниот туризам, но потребно е збогатување на туристичката понуда и промоција на Дојран како туристичка дестинација. Особено внимание посветувам на промовирање и развивање на здравствениот туризам. Општината и Дојранското Езеро се место во кое природните услови, благата клима и лековитоста на езерото и дојранската кал, благопријатно влијаат врз здравјето на луѓето. Имаме голем потенцијал за развој на конгресниот туризам – промовирајќи ги угостителските и сместувачките капацитети, ќе се овозможи посетеност во целата година. За привлекување на повеќе туристи, општината ќе инсистира на квалитетно уредување на плажите на Дојранско Езеро, кои се закупени од концесионерите. Предвидено е поставување соодветна урбана опрема и санитарни пунктови на сите плажи, поставување соблекувални и тушови и други забавни содржини за туристите.
Во Дојран повторно ќе се лови риба со мандри. Сите сме слушнале за тој уникатен начин на ловење, меѓутоа моментално нема каде да се погледне или незнаеме како функционира. Решивме да го вратиме традиционалниот начин на риболов со таканаречените мандри, птиците корморани и чамците кораби. Враќањето на мандрите кои не се користат повеќе од две децении ќе значи своевидна атракција и збогатување на понудата за туристите.
Ова се само дел од туристичките понуди кои се уникатни а ги има само кај нас, кои сметаме дека ќе допринесат во подобрување на целокупниот имиџ на Дојран и негово претворање во атрактивна туристичка дестинација.
Press24: Каква е улогата на Општина Дојран кон подобрувањето на животот на младите луѓе како двигател на општественото живеење?
Борче Стамов:Би сакал да ја истакнам улогата на Општина Дојран во подобрувањето на условите за образование на младите луѓе во нашиот град и во поттикот да практикуваат здрави животни навики. Имено Општина Дојран во иднина планира изградба на повеќенаменско игралиште во с. Николиќ,изградба на спортска сала во ОУ „Кочо Рацин“ во Нов Дојран,изградба на спортски терени во школските дворови на училиштата во Стар Дојран, Црничани и Ѓопчели со цел да се подобрат условите за работа на учениците и на вработените. А мора да се напомене и однеодамна новотвореното повеќенаменско играчиште во село Фурка кое предизвика голема радост кај жителите и голем број на насмевки кај децата.
Општина Дојран активно ги поддржува спортските активности, а со создавањето на условите за работа ,во иднина ќе се организираат и бројни натпревари во фудбал, ракомет, одбојка, кошарка, атлетика со што младите би биле активни во текот на целата година а со тоа и туристите кои го посетуваат Дојран надвор од летната сезона ќе можат да уживаат во овие манифестации.
Понатаму во план е изградба на рекреативна пешачка и велосипедска патека, целосно хортикултурно уредена, долж крајбрежјето на Дојранско езеро во должина од 3.5км со што градовите Нов и Стар Дојран ќе се спојат а оваа патека ќе претставува продолжување на веќе постоечката рекреативна патека која се протега од црквата “Свети Илија” во Стар Дојран до граничниот премин истотака со должина од 3.5 км.
Општина Дојран поддржува бројни културни манифестации кои што се одржуваат под отворено небо, кои што го привлекуваат вниманието на нашите сограѓани, а пред се на младите луѓе не само во летниот период како што беше досега туку и во зимниот период кој засега претставува најголема закана за туризмот во Дојран.
Press24: Вие покренавте и обновивте и неколку културни манифестации: Фестивал на традиционална храна, Летно кино на отворено, Новогодишен концерт,фестивал на вино и риба, во Дојран се случија и неколку културни настани. Ваш коментар?
Борче Стамов:Сметам дека како општина сме должни на културата да посветиме поголемо внимание , бидејќи преку културните манифестации можеме да се сплотиме, да ги надминеме различностите меѓу нас и со тоа да докажеме дека нашата општина е таа која сака да шири и имплементира културни настани, на кои ќе бидат присутни изведувачи од повеќе краишта на светот. Дојран навистина во последно време станува еден висок културен и туристички центар на Балканот со бројни манифестации во текот на годината кои што се организираат на многу високо ниво како што се: фестивалот на традиционална храна “Дојран Гурман фест“,Летно кино, ”Дојранско лето 2013”, Фестивал на слатко од диви смокви”Смоквијада” “Аларм за природата”, “Д фестивал” , новогодишен концерт “Новогодишна бајка”театарските игри, новата маунтин бајк трка и атрактивните екстремни спортови кои се развиваат во Дојран и неговата околина, новите повеќенаменски и тениските игралишта низ целата општина допринесоа младите смоиницијативно да организираат спортски натпревари, големиот број концерти во текот на годината, големиот број на музеи и споменици и атрактивни локации во градот...
Натамошната нашата заложба нема да биде само кон привлекување на туристи туку создавање на услови кои ќе овозможат опстојување на сите луѓе посебно на младите, да останат во својот град, и секоко развој на идустриските зони каде би никнале нови фабрики во блиска иднина, со отворање на нови работни места.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа