Грипот уби маж на Инфективно - уште осум лица се борат за живот
Сезонскиот грип зема уште една жртва. 81 годишен маж починал синоќа на Клиниката за инфективни болести во Скопје.
Директорот на Инфективната клиника Звонко Миленковиќ денеска информираше дека починатиот маж боледувал од дијабет и други хронични заболувања.
- Ова е вториот случај во Македонија што завршува со фатален исход. Грипот е особено со висок степен на смртност и на глобално ниво се регистира особено кај лицата од возрасна популација, над 65 годишна возраст, рече Миленковиќ.
Тој апелираше во периодите на вакцинации од грип да се води сериозна грижа за лицата од возрасната популација да бидат заштитени со вакцина од грип.
Миленковиќ информираше дека во Одделот за интензивна нега на Клиниката, нема ниту една трудница.
- Здравствената состојба на двете трудници кои беа заболени од грип е подобрена и тие се префрлени на редовно следење на одделите на Клиниката, рече Миленковиќ.
Во овој момент на Одделот за интензивна нега престојуваат осум пациенти со тешки клинички здравствени состојби, предизвикани од грипот.
Од сезонски грип на Клиниката за инфективни болести пред две недели почина жена која имаше низа здравствени проблеми.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа