Вработен во АРМ заврши на Инфективно - се заразил со морбили
36 годишно лице вработено во Армијата на Република Македонија во Скопје е заболено од мали сипаници (морбили) и е хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести.
Лицето е од Македонска Каменица, каде се преземени мерки за проверка за да се спречи ширење на морбили, велат од Министерството за здравство. Лицето добило една доза на МРП вакцина, а нема податок дека патувал надвор од Македонија.
Д-р Јованка Костовска од Министерството за здравство на денешната прес-конференција информираше дека протоколите за постапување при појава на случај на лице заболено од морбили кое работи во колектив, предвидуваат итно да се преземат мерки за да се спречи ширење и евентуална епидемија.
Од Комисијата за заразни заболувања при Министерството за здравство им порачаа на Воено медицинската установа и ГШ на АРМ веднаш да преземат мерки за итна вакцинација на вработените во овој колектив со по една доза на МРП вакцина.
- По еден месец секој од нив да донесе вакцинален статус за претходната состојба со вакцинација против морбили за да се знае дали ќе треба да примат уште една дополнителна доза. Доколку претходно имале примено не е потребна дополнителна доза, рече Костовска.
Таа додаде дека засега се оди со по една вакцинација за сите кои биле во најблизок контакти со заболеното лице, а понатаму и на останатите за да може да се спречи ширење на епидемија на морбили во тој колектив.
Следната препорачана мерка, информираше Костовска, е да се следат сите вработени во колективот и при најмал сомнеж на можност на клиничка слика за заболен од морбили веднаш да се изолира и да се земе материјал за анализа.
- Во целата држава се препорачува да се зголеми надзорот на лекарите над сите случаи со исип за можност од појава на морбили бидејќи вработените во АРМ каде има заболен од морбили одат за викендите во градовите каде што живеат и доколку биле во фаза на инкубација може да го прошират заболувањето, нагласи Костовска.
Службите за вакцинација во Македонија, рече таа, се задолжени да проверат далисите деца до 14-годишна возраст ги имаат примено потребните вакцини, и доколку имаат пропуштено некоја од вакцините на морбили веднаш да се вакцинираат.
Костовска додаде дека од време на време се јавуваат по еден до два изолирани случаи на морбили во Македонија.
- Оваа година има четири случаи на морбили кои не може да се повразт еден со друг. Морбилите се најконтагиозни пет дена пред исипот и пет дена по исипот, рече таа.
Како што објасни докторката, кога лицето е заштитено со две дози на МРП вакцина не би требало да се вакцинира, освен во услови на епидемија, односно кога морбилите се јавиваат во епидемиска форма.
Директорот на Клиниката за инфективни болести Звонко Миленковиќ рече пациентот кој е хоспитализиран на Клиниката со мали сипаници е во добра здравствена состојба.
Комисијата за заразни заболувања и денеска заседава во проширен состав заедно со министерот за здравство, претставник од Министерството за одбрана, од Генерал штабот и од Воено медицинската установа за, како што рече Костовска, да се спречи евентуалното ширење на морбилите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа