Да беше жив Тоше денеска ќе наполнеше 33 години

 

Да беше жив Тоше Проески денеска ќе наполнеше 33 години. Веќе шест години овој датум 25. 1. место ден за радост е ден за тага, сеќавање и спомнување на името на магаѕвездата. Денеска, токму на овој ден, ќе биде промовирана книгата "Ова не е крај" на авторката Соња Алексоска - Неделковска која опфаќа сегменти од животот на македонската музичка легенда од неговото раѓање и блескавата кариера. Сеќавања за него споделуваат членовите на најблиското семејство, сестрата Дора, зетот Славен Ристески, внукот Кристијан, а интересни случки од детството откриваат и неговите другари. Читателите ќе имаат можност да дознаат за почетоците на кариерата на македонската легенда, за првите настапи и првата отпеана песна. Како се одвиваше неговиот професионален музички пат, спомени споделуваат македонските автори, изведувачи и продуценти, претставници на медиумите, како и познати имиња од светот на класичната музика и од спортот. За кариерата на Тоше во Србија искуства споделуваат неколку музички соработници и изведувачи и неколку познати српски новинари, а како ја освои Хрватска и Балканот ќе откријат повеќе значајни личности од тамошниот музички пазар. Светски автори ќе го споделат искуството за соработката со нашата легенда при снимањето на албумот The Hardest Thing. За потребите на книгата се интервјуирани повеќе од 80 соговорници.

Освен книгата, за балканската музичка ѕвезда денеска ќе се промовира и обновениот недовршен спот за песната "Жао ми је", кој заедно со ексмисицата го снимаше во 2006 година, а песната е од албумот насловен "По тебе" објавен една година порано.

Тоше почина на 16 октомври 2007 година во екот на неговата балканска слава и пред почетокот на освојувањето на светските музички простори. Со неговото заминување загуби не само семејството и пријателите, туку целата македонска нација и Балканот, но остана да се негува споменот на него, неговите песни и остварувања и секоја година да се одбележува неговиот роденден, но, за жал, без славеник.

25.01.2014 - 00:01

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега