Сарачини и Адеми во Албанија расправаат за „Луково Поле“

 

Министерот за економија Ваљон Сарачини и министерот за животна средина Абдилаќим Адеми, денеска се во работна посета на Тирана, каде разговараат за проектот „Луково Поле“.

По средбите со премиерот Еди Рама и министрите за надворешни работи, економија и животна средина, Дитмир Бушати, Дамиан Ѓикнури и Лефтер Кока, на заедничка прес- конференција беше речено дека нема готов проект за Радика и оти целата постапка околу проектот, кој е идеен, ќе биде транспарентна.

- Не постои проект ни соодветна студија. Затоа нема потреба од вознемиреност. Врз основа на меѓународните конвенции кога почнува еден ваков проект, во една одредена фаза треба да се праша јавноста, а треба да се разговара и со соседните земји, изјави Адеми.

Според него, идејниот проект зависи од студијата која ќе се реализира во врска со влијанието врз животната средина и оти целата процедура ќе биде целосно транспарентна.

Албанскиот министер за надворешни работи Дитмир Бушати на прес-конференцијата истакна дека Албанија за овој проект ќе бара да се применат меѓународните конвенции и оти владата во Тирана ќе го брани националното достоинство, теритријалниот интегритет и сите интереси на албанските граѓани.

- Жалам што и при вакви случаи кога има еден совршен дијалог меѓу двете влади, повторно има шпекулации за губење на националните интереси. Нема никаков проект за девијација на Радика. Ние сметаме дека употребата на водите е значајно прашање за кое се дискутира во согласност со меѓународните конвенции, изјави Бушати.

Бушати и порача на јавноста дека ќе има целосна транспарентност во врска со проектот „Луково Поле“. 

24.01.2014 - 14:53
Фото: 
lider.mk

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега