ОМД: Грција треба ги прифати европските вредности

 

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) излезе со реакција на изјавата на шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос, кој на заеднички настап со српскиот премиер Ивица Дачиќ, изјави дека спорот за името не е пречка за преговорите за Македонија, туку тоа е „недостигот на европски вредности и неисполнувањето на критериумите од Копенхаген“ од македонска страна.

- Тврдењето на Венизелос, во неговата нова улога како шеф на ротациското Претседателство на Советот на Европската Унија е неосновано, поради фактот дека Европската Комисија пет години по ред дава предлог до Советот да почнат преговорите со Македонија. На истиот ден на заедничката прес-конференција меѓу ЕУ и Србија, и Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент изгласа резолуција со која го повикува грчкото Претседателство да преземе водечка улога за да се разреши билатералниот спор со Македонија и за Советот да одреди датум за почнување на преговорите за прием на Македонија. ОМД верува дека Грција треба да вложи напори за да ги прифати европските вредности кои наводно ги дели, и да ја ратификува Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и ќе им обезбеди основни човечки права на македонското, турското и другите малцинства, и ќе стави крај на застараниот договор од Лозана, пишува во соопштението на Филип Алтипармаковски, директор за европски операции на Обединетата македонска дијаспора.

Српскиот премиер Ивица Дачиќ, пак, на прашање дали би посредувал во надминувањето на спорот меѓу Македонија и Грција, изјави дека би го сторил тоа ако е замолен од грчките ‘пријатели и браќа’. Од ОМД сметаат дека, место да се фокусира на спорот за името, Србија би требала да се посвети на сопствените проблеми како што е статусот на Косово и безкомпромисниот однос на Република Српска во Босна.

- Грција и Македонија треба да отпочнат директни разговори за да ги подобрат билатералните односи. Како гест на добра волја, Венизелос би требало да направи официјална посета на Македонија што е можно поскоро, смета Мето Колоски, претседателот на ОМД.

24.01.2014 - 10:37

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега