Премиерот Груевски на промоција на проектот „Македонски искушенија“
Првите осум дела од проектот „Македонски искушенија“, што предвидува печатење на 25 ексклузивни публикации произлезени од документарни филмови за значајни личности и настани од македонската историја, денеска беа промовирани во Порта „Македонија“.
Премиерот Никола Груевски на промоцијата оцени дека проектот „Македонски искушенија“ е поклонување пред делото на историските личности и настани кои заслужуваат внимание и соодветен третман.
- Книгите што денеска ги промовираме претставуваат научен запис кој ни ја доближува идејата, силата, љубовта, непокорот и духот на времето во кое живееле, твореле и се бореле нашите дејци кои станале дел од македонската историја и колективното паметење на народот, рече Груевски.
- Но, затоа, пак, денес, во современа независна и демократска Република Македонија историчарите можат во целост и без никакви предрасуди, врз база на научно верифицирани аргументи и толкувања, поткрепени со бројни документи, фотографии, да ни го доловат она што претставува значајно и трајно дело во македонската историја и борба. Во тој дух беше започнат и овој проект, чии книги говорат за бројните подвизи на поединци, но и на цели генерации граѓани кои го изоделе трнливиот пат за извојување на својата слобода и за зачувување на своето достоинство и национален идентитет. Денес, на некој начин, преку овој проект се поклонуваме на нивното дело, рече Груевски.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска оцени дека овој проект ќе има трајно влијание во македонскиот културен, историски и образовен контекст и ќе ја збогати македонската историска наука со нови, значајни дела.
- Првите осум книги од едицијата „Македонски искушенија“ ќе ни понудат нова интелектуална и духовна перспектива, мозаик од знаења, идеи и стремежи, ќе ни понудат научно верифицирани факти, аргументи и толкувања, кои говорат за долгата историја на македонската борба за државност и самостојност, рече Канческа-Милевска.
Таа потенцира дека на овој начин се збогатува македонскиот книжевен и историски корпус, се афирмираат македонски значајни личности и настани кои оставиле неизбришлива трага во повеќеслојната македонска историја.