Барање до Ховит да ја исфрли двојазичноста и зборот „ултранационализам” во Резолуцијата

Пратениците во Комитетот за надвоешни работи на Европскиот парламент, на денешната дебата за предлог-Резолуцијата за Република Македонија жестоко се спротивставија на дел од предложените амандмани на известувачот Ричард Ховит, пред се во однос на неговото барање за воведување на двојазичност во нашата земја и споменување на „ултра-национализам”, јавува дописникот на МИА од Брисел.

На второ разгледување на предлог-Резолуцијата за Македонија во Европарламентот, а пред утрешното гласање на АФЕТ, Ховит ги претстави компромисните амандмани, од кои повеќето се во корист на грчко-бугарската анти-македонска коалиција во ЕП. Но, притоа известувачите во сенка Едвард Кукан и Чарлс Тенок, но и Хрватите Андреј Пленковиќ и Давор Штиер, жестоко се спротивставија на употреба на горенаведените термини.

Како што претходно објави МИА, придавката „македонски” се враќа, но сега како „македонските граѓани”, а не „македонски јазик”, но Ховит во 12-тиот компромисен амандман во однос на параграф 14 на Резолуцијата, жали што поголем напредок се уште не бил постигнат во однос на интегрираното образование и се наведува дека „ЕП бара акција на ова прашање за да се избегне поделба и потенцијални конфликти по етничка линија меѓу децата на училишна возраст. Во исто време се истакнува важноста на промовирање инклузивно двојазично образование и двојазичност во целина, а особено во општините каде немнозинските заедници треба да се здобијат со уставно право да го користат својот јазик во јавните живот и официјални акти”.

Посебно е загрижувачки 11-тиот компромисен амандман, а во однос на параграф 13 од Резолуцијата, каде британскиот европратеник го поздравува напредокот во процесот на интеграција во ЕУ на другите земји во регионот, но се забележува дека „ЕП е загрижен дека понатамошното одложување на отворањето на пристапните преговори би можело да создадат неразумен диспаритет во регионот, што би можело да претставува дополнителен ризик за добрите меѓуетнички односи и чувство кај сите македонски граѓани дека се оставени назад. ЕП ги осудува сите видови на ултранационализамот во земја и повикува на анти-дискриминациски политики и толеранција во општеството, без оглед на верата, етникумот или јазикот”, се наведува во овој предлог.

Она што загрижува е што во вториот амандман, а во однос на параграф 1а, Ховит предлага целосно нова реченица, каде се релативизира силниот повик од Европарламентот до Грчкото претседателство со Унијата во овие шест месеци да овозможи напредок на Македонија во евроинтеграциите. Па, така, сега само се наведува „грчкото претседателство да ја искористи позитивната динамика на нивното лидерство за да развијат нови иницијативи за надминување на ќор-сокакот во преговорите и да се дојде до решение”. Но, затоа, пак, во истиот амандман се охрабрува нашата земја „да ги консолидира реформите и обратните политики и практики што може да бидат пречка за нејзината европска иднина”, па е наведено дека преговорите со ЕУ може да бидат позитивен чекор кон решавање на „тековните расправии со соседите”.

Она што е опасно, во третиот компромисен амандман, а кој се однесува на параграф 4 од предлог-Резолуцијата, се наведува дека „во согласност со ЕУ-процедурите, новите членки ќе бидат примени само кога тие ќе ги исполнат сите барања”, а притоа се споменува и исполнување на Копенхашки критериуми што е всушност грчкото објаснување зошто Македонија не почнува преговори, а не блокадата поради името.

На Македонија, исто така не и одговара ниту компромисниот амандман 4 во однос на параграф 5а, каде сега има целосно нов предлог:

- ЕП нагласува дека добрососедските односи се суштински столб на процесот на пристапување на земјата во ЕУ. Ја повторува својата позиција дека билатералните прашања треба да се решат што е можно порано во процесот на пристапување, во конструктивен и добрососедски дух и по можност пред отворањето на пристапните преговори. ЕП сеќава дека треба да се избегнуваат гестови, акции и изјави кои негативно може да влијаат врз добрососедските односи и бара поконкретни резултати во соработката со цел да се воспостават добри меѓусоседски односи на три страни: Атина, Софија и Скопје – се вели во овој нов амандман со што сега целосно се прифаќа барањето на Грција дека отворените прашања треба да бидат решени пред почетокот на преговорите, а не како што досега беше “пред приемот на земјата во ЕУ”.

На дебатата за амандманите, Ховит посочи дека не ја обвинува земјата за ултранационализам и дека се работи за нешто со кое ЕУ не се согласува во ниту една земја, па според него „национализмот може често да се меша со патриотизам”.

- Кога се работи за јазиците, никогаш немав намера да го исфрлам називот „македонски јазик”, туку сакав да поттикнеме да влезат и јазиците на различните заедници во земјата,  да го поттикнеме двојазичното образование - посочи Ховит при презентацијата на компромисните амандмани.

Но, во дебатата тој доби низа критики и сугестии да се откаже од зборовите „ултранационализам” и барање на ЕП за двојазичност во земјата.

- Интеграцијата на Македонија е и тест за кредибилитетот на политиката на проширувањен на ЕУ. А, Ховит би сакал да го прашам дали кога говори за двојазичност, тоа значи еден дел од народот во земјата да научи албански јазик? Ако е така, тогаш јас сум од Словачка и не би сакал некој да ми наметне да го учам унгарскиот јазик, како јазик на малцинството - посочи Кукан.

Британскиот европратеник од редовите на конзервативците, Чарлс Тенок, посочи дека неговата партија има сериозни замерки за компромисот 12 за прашањето за обавезна двојазичност! Според Тенок, можеби е подобро англискиот јазик да стане заеднички јазик на Балканот, “но да се обврзува народот да учи други јазици значи премногу, предалеку се оди!”, предупреди Тенок, посочувајќи дека не е работа на Европарламентот да се мешаме во тоа кои јазици ќе се учат во земјата.

Хрватите Давор Иво Штиер и Андреј Пленковиќ, како и Швеѓанката Ана Ибрисагиќ, исто така побараа исфрлање на барањето за двојазичност и зборот „ултранационализам” Притоа, Пленковиќ потсети дека пред 11 години, со Солунската агенда, Грција и го трасирала патот на Хрватска кон ЕУ и дека е сега време токму додека трае Грчкото претседателство со Унијата истото да се повтори и во случајот со Македонија.

- Што мислите, господине Ховит со двојазичноста? Како на пример, во Шведска да мора да се учи и Фински? Не е во ред Македонците да се обврзат да учат друг јазик. А, и што ви значи тоа со ултранационализмот? Ова трбеа да се ифрли од Резолуцијата - побара европратеничката Ибрисагиќ.

Гркинката Мариета Јанаку, пак, посочи дека прашањето за името не е формално, споредувајќи го со причините за почетокот на Втората светска војна. Притоа, таа истакна дека има податоци оти “Во Скопје се печатата пари со ликот на Александар Македонски”, што според неа е нова провокација. Но, ја демантираше претседателот на Комитетот за надворешни работи на ЕП, Елмар Брок, според кого такво нешто не е вредно оти е старо две илјади години, но и дека “и други земји печатат пари со тој лик и истите треба да се споменат”.

Холандксата европратеничка Мари Корнелијсен побара да влезе во Резолуцијата и предлогот на посредникот на Обединетите нации за име со географска одредница во однос на спорот Македонија-Грција, а Хрватот Никола Вуљаниќ посочи дека Грчкото претседателство со ЕУ е вистинска можност за решавање на долгогодишниот спор.

Гркот Николас Салавракос ги предупреди сите дека “спорот за името на Македонија изгледа бесмислено како и војната што ја предивикала Британија за Фолкландските острови”, додека Бугаринот Андреј Ковачев посочи дека договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија не се спроведува поради две спорни точки: Непризнавање на договорот од 1999 година и неследење на препораките на ЕП.

Во име на Европската комисија, раководителот на секторот за Македонија во оваа институција, Дејвид Кулен, посочи дека ЕК ќе продолжи со поддршка на земјата низ структуриран дијалог и давање на финансиска помош. Тој ги спомена носењето на Законот за медиуми и измените во Изборниот законик како важни, но и дека мора да се внимава истите да ја имаат поддршката на сите засегнати страни.

На крајот од дебатата, известувачот Ричард Ховит повтори дека во однос на двојазичноста тој не барал обврска Македонците да го изучуваат албансктиот јазик, туку ја нагласува важноста од поттикнување на луѓето да го учат и другиот јазик.

- Ако, сепак, постои загриженост во однос на евентуално криво толкување на текстот, подготвен сум во соработка со другите да го преформулирам. Исто и во однос на употреба на зборот „ултранационализам”. Јас никого не обвинувам дека е ултранационалист и јас едноставно сум загрижен ако употребиме збор национализам дека тоа ќе испрати лош сигнал оти тогаш би значело дека национализмот, т.е. домољубието дека е проблематично. Никого во Македонија не го обвинуваме со оваа формулација и таа е јасна - посочи Ховит.

Во текот на утрешниот ден, АФЕТ ќе гласа за предлог-Резолуцијата за Македонија, додека Европскито парламент, истата целосно ќе ја изгласа на пленарна седница во Стразбур идниот месец, до кога се можни измени во текстот.

извор: миа.мк

 

20.01.2014 - 18:43

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега