Под силно полициско обезбедување почна и се одложи првото рочиште за Беланоца/Барон
Одложено првото рочиште од судењето на припаднциите на криминалната група Беланоца/Барон. Под силно полициско обезбедување, во Основниот кривичен суд беа спроведени десеттемина водачи и членови на нарко-кланот. Групата е обвинета за повеќе убиства, изнуда и загрозување на општата сигурност.
Судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска беше принудена да го одложи рочиштето поради отсуство на адвокатите ангажирани од одбраната на дел од обвинетите.
Ситуацијата беше причина судијката да ги праша обвинетите дали ќе ги задржат адвокатите, но и да упати своевидно предупредување до бранителите дека нема да ја толерира вакви случаи во иднина, како и дека ако тоа се повтори судот ќе ги искористи механизмите што му стојат на располагање согласно Законот за кривична постапка (ЗКП).
„Доколку ваквата пракса продолжи и ако таа е насочена кон одолговлекување на постапката, судот ќе определи бранители по службена должност“, рече судијката.
Фатљум Ајети познат како Тоте, Акиф Равмановски познат и како Јусуф Акифи – Барон, Зулќуфли Нуредини, Акиф Мемиши, Абдула Садики, Шенаси Маслани, Мирвет Маслани, Гани Марку и Решад Исман, беа спроведени од затворите „Идризово“ и „Скопје“ каде што дел од нив издржуваат затворски казни од други постапки, но и ефективни притвори за конкретниот и други предмети.
За потсетување, Акиф Равмановски беше лицето кое лани беше помилувано од претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова во врска со полесно дело што го извршил и за кое бил осуден, но по кратко време беше повторно уапсен од полицијата поради обид за убиство. Ова беше повод за остри реакции во јавноста по што тогашниот состав на Комисијата за помилување во рамките на кабинетот на претседателката си поднесе оставка.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа