Груевски: Со новиот закон ќе се решат заостанатите стечајни постапки
Премиерот Никола Груевски денеска изјави дека новиот закон ќе ги реши заостанатите стечајни постапки.
- Со новиот Закон очекуваме овие постапки да бидат завршени најдоцна за една година. Новиот закон е работен по дански модел, вчера беше усвоен во Собранието и деновиве ќе излезе во „Службен весник“. Со него ќе бидат решени сите стечаи, најкомплицираните од минатото. Не само што излегуваме во пресрет на огромен број работници кои останаа без работа од фирми со доминантна државна сопственост, туку и сакаме да го затвориме прашањето со старите стечаи што се провлекуваат со децении, нагласи Груевски.
Премиерот потенцираше и дека се донесе и Законот за вонсудско спогодување со кој за идните случаи, доколку евентуално некоја фирма треба да оди во стечај, ќе има уште една можност, втора шанса да може да се избегне стечајот.
- Верувам дека овие закони ќе ги раздвижат работите и ќе стават крај на одредени долгогодишни голготи во многу компании во кои работниците до денес чекаат да завршат постапките и да бидат обесштетени. Со најновиот Закон за стечајните постапки ќе се стави крај на еден прилично матен период од деведесеттите години во кои заглавија голем дел од компаниите, ќе се решат судбините на многу луѓе кои чекаат разрешување на постапките, подвлече Груевски.
Осврнувајќи се на денешното пуштање на регионалниот пат Тетово – Јажинце, Груевски уште еднаш истакна дека Владата го реализира тоа што го вети.
- Го пуштивме во употреба регионалниот пат Тетово – Јажинце по неговата темелна реконструкција и проширување за што се инвестирани 2,5 милиони евра. За овој проект многу луѓе јавно објавуваа дека тоа нема да се случи, дека ги лажеме жителите во Полошко. Пратеникот на СДСМ од Тетово јавно изразуваше неверување дека проектот ќе се заврши како што беше ветено од страна на Владата и како што беше дефинирано во нашата изборна програма, изјави Груевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа