Премиери, изложби, издаваштва - кои се проектите на Министерството за култура годинава?
Министерството за култура чиј буџет изнесува 3,9 милијарди денари годинава ќе поддржи голем број проекти меѓу кои 44 театарски премиери, 18 аматерски претстави, преводи на дела од странски автори, издавање шест монографии, 14 стрипови, 37 книги на млади, талентирани писатели, организирање ретроспективни изложби, одбележување значајни јубилеи, конзервација на црквата Св. Ѓорги во Курбиново, санација на комплексот Водочки цркви во село Водоча и на манастирот Св. Богородица Елеуса во Вељуса, заштита на манастариот Св. Никола во Мариовско и на црквата Св. Никола во Зрзе, обнова на манастирот Трескавец,...
Првпат во Република Македонија, годинава, од 4-10 мај, ќе се оддржи 70. Конгрес на Меѓународна организација на филмски архиви (ФИАФ) на кои ќе присуствуваат околу 200 делегати од сите кинотеки од целиот свет.
- Во програмата за драмска дејност во 2014 година се прифатени 113 проекти, 44 премиери на национални установи, 13 независни и алтернативни проекти во шест општини. Во театрите ќе ги видиме остварувањата на Слободан Унковски, Мартин Кочовски, Софија Ристевска, Васил Зафирчев, Бујар Лума, Нехат Мемети,... Поддржани се 18 аматерски претстави во 16 општини, 23 фестивали и манифестации во 13 општини, од кои и три нови како меѓународниот театарски фестивал во организација на Македонскиот народен театар од Скопје, Фестивалот на комедија „Гола месечина“ во Општина Аеродром во организација на Театарот „Комедија“ и меѓународниот театарски фестивал „Театарот поинаку“ на отворени локации во општина Чаир во организација на Центарот за алтернативна креација „Алтернативе“ од Скопје, велат од Министерството.
Во контекст на музичко-сценска дејност, централно место годинава има јубилејот на Македонската филхармонија која одбележува 70 години постоење. Празнувањето ќе биде во текот на целата година, со реализирање врвни концерти на светски и домашни уметници и автори.
Исто така, во издавачката дејност, освен преводи на дела од светската литература, шест монографии и осум проекти од електронското издаваштво, поддржани се и по еден или два тома од собраните дела на истакнати македонски писатели, Богомил Ѓузел, Јован Павловски, Блаже Ристовски, Луан Старова, Митко Маџунков, и Бранко Цветкоски, 14 стрипови, 45 списанија со повеќегодишна традиција од областа на културата, 30 проекти книги за деца, 100 пријави на реномирани автори, 37 дела на млади и талентирани автори, програмски активности на здруженија, манифестации. Поддржани се неколку аудио (звучни) списанија за слепите лица, како и електронскиот проект за културно издигање на лицата со пречки во менталниот развој.
Во ликовната дејност најзначаен настан е петдеценискиот јубилеј на Музејот на современиот уметност (МСУ) за чие одбележување е предвидено отворање на постојаната музејска поставка, како и приказ на дела од Василије Поповиќ Цицо (100 години од раѓањето), постхумна ретроспективна изложба на Вељо Ташовски и ретроспективна изложба на Владимир Боројевиќ.
Во областа на заштитата на културното наследство предвидена е конзервација на архитектурата на црквата Св. Ѓорѓи Победоносец, село Младо Нагоричане, конзерваторско-реставраторски работи на живописот на манастирскиот комплекс Св. Ѓорги, Кнежино од 14 век. Посебно внимание ќе биде посветено на целосната заштита, конзервација на архитектурата и живописот на црквата Св. Ѓорги во Курбиново, како и целосното истражување, заштита, конзервација, реставрација и презентација на античкиот град Скупи, а Ќе бидат реализирани проектите за конзервација на живописот на црквата св. Никола во Јосел, конзерваторскиот проект за ѕидовите од црквата Св. Пророк Илија во Стар Дојран, проектите за санација на комплексот Водочки цркви село Водоча и на манастирот Св. Богородица Елеуса во село Вељуса, Струмица. Ќе продолжат и активностите околу конзервацијата и реставрацијата на стариот конак во манастирот Св. Никола, село Љубанци.
- Годинава ќе биде заокружен и проектот за санација и обнова на Спомен костурницата на паднатите борци во НОВ од Велес и Велешко, санација на Амамот во Тетово кој е во функција на галериски простор. Истовремено ќе бидат реализирани и проектите за непосредна заштита на Галерија „Никола Мартиновски“ во Крушево и на споменикот „Илинден“ во Крушево, а ќе продолжи и четвртата фаза на непосредна заштита на куќата на Ајри Доко во Охрид со поставување покривна конструкција на сцената во Долни сарај и Античкиот театар, велат од Министерството.
Република Македонија ќе биде присутна и во Женева каде со повеќе културни активности ќе го одбележи членството во Советот за човекови права на ОН.
- Продолжувајќи ја традицијата, по успешното претставување во Истанбул, Талин, Марибор и Марсеј, ќе се претставиме и во Рига која оваа година е носител на титулата Европска престолнина на културата. Македонија ќе се претстави и на меѓународните саеми во Франкфурт, Гетеборг и Истанбул, велат од Министерството.
Годинашниот буџет на Министерството за култура е за 11,6 отсто поголем од ланскиот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа