Бесими и Беџети за користењето на ИПА во ресорот правда
Реализација на предвидените проекти во Министерството за правда и искористеноста на ИПА средствата, беа тема на денешната средба на вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими со ресорниот министер Блерим Беџети.
По средбата, Бесими информираше дека се зборувало за реформите во делот на правосудството, слободата на изразување и медиумите, борба против корупцијата, фундаменталните права и изборната реформа.
- Нашата цел е заедно да согледаме како е динамиката, како се реализира планираното и што може понатаму да се направи во однос на одредени предизвици во реализација на овие реформи, рече Бесими.
Во однос на искористеноста на ИПА средствата, Бесими истакна дека Министерството за правда искористило околу 17 милиони евра од кои 65 отсто се за техничка поддршка за реформите експертиза во законодавството и 35 отсто инвестиции во опрема во зајакнување и модернизација на судскиот систем и Јавното обвинителство.
Министерот Беџети, пак, информираше дека го запознал вицепремиерот за активностите за последните измени во кои казнената евиденција од Министерството за внатрешни поминува во надлежност на судовите.
- Деновиве ќе биде избрана и фирмата која од ИТ технолошка гледна точка ќе го спроведе сето тоа и Македонија ќе се придружи на земјите членки на ЕУ каде оваа надлежност е кај судовите, рече Беџети.
Тој посочи дека согласно договорот со ЕУ за дополнување на рамката 2013/2017, Министерството за правда со експерти од ЕУ ја утврдува и динамиката и стратегијата, а за некои закони веќе се формирани работните групи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа