Наскоро на Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје ќе се прави трансплантација на црн дроб

 

Министерот за здравтво Никола Тодоров денеска најави дека Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје наскоро ќе почне да прави трансплантација на црн дроб, за која во Македонија годишно имаат потреба помеѓу 10 и 12 пациенти. 

Таа операција е меѓу покрупните нови медицински методи кои ќе се применуваат од септември 2014 во јавните здравствени установи. Од вкупно 100 методи, кои денеска ги најави министерот за здравство Никола Тодоров, 62 првпат ќе почнат да се прават во државата - на 30 универзитетски клиники во 24 специјалности, а останатите 38 методи веќе се прават на скопските клиники, но отсега ќе ги има и во болници низ Македонија.

Инаку, меѓу новите методи се вбројуваат и пресадување ’рскавица на Клиниката за трауматологија, реконструкција на нестабилно рамо на Ортопедија, на Кардилогија ќе има третман на покачен крвен притисок за пацинети кај кои не помагаат лекови, попрецизно и поограничено зрачење на туморско ткиво на Онкологија... За некои болници низ Македонија, новина ќе биде лапароскопска хирургија, ултразвучен скрининг во бременост за откривање аномалии, фако-метода за операција на катаракта...

- Првите методи ќе бидат достапни од септември оваа година, а Министерството за здравство ќе овозможи едукација на докторите за новите методи... Новите техники се помалку инвазивни, со намалена можност за инфекции, побрза и подобрена дијагностика на преносливи болести, намалување на времето за заздравување на оперативната рана и на времето на хоспитализација, рано откривање вродени аномалии и минимизирање морбидитетот, што е бенефит и за пациентот и за здравствениот систем, рече министерот за здравство.

12.01.2014 - 15:19

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега