Шест години од хеликоптерската несреќа кај Блаце каде загинаа 11 мировници

 

Кај катлановско Блаце денеска се одбележува шестгодишнината од хеликоптерската несреќа во која трагично загинаа единаесет припадници на воздухопловната бригада на АРМ. Во спомен на припадниците на воздухопловната бригада денеска делегации од страна на Министерството за одбрана, Генералштабот на АРМ, Здружената оперативна команда на АРМ, вбр, предводени од заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини, заедно со семејствата на трагично загинатите, ќе положат цвеќе на Спомен обележјето.

Исто така, денеска во чест на загинатите ќе биде одржана и комеморативна церемонија за одбележување на овој трагичен настан во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина во организација на Командата на ЕУФОР и македонскиот контингент.

За потсетување, до несреќата дојде кога македонските мировници кои се враќаа дома по шестмесечната мисија во АЛТЕА, на 12 јануари 2008 година околу 9 часот и 30 минути полетаа со хеликоптерот „МИ 17“  од базата Бутмир кај Сараево. Требаше да слетаат на воениот дел од скопскиот аеродром, а последниот контакт со контролната кула леталото го направило на шест милји од целта. Во несреќата животот го загубија потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, заставниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Мики Ивановски, Александар Тасковски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски.

12.01.2014 - 10:09
Фото: 
Сител

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега